Општина Карпош преку мобилната апликација „мЗаедница”, ќе воспоставува комуникација со граѓаните. Имено, карпошани отсега ќе можат преку електронски пат да аплицираат за субвенции и еднократна помош.
Од Oпштината сметаат дека дигитализацијата на јавните услуги ќе ги направи граѓаните многу позадоволни, како и пониска корупција и поекспедитивна администрација.
– Како општина, ние ја сфативме потребата за двонасочна комуникација со граѓаните. Имаме стапка на одговор од 95 отсто, но што е најважно, по одговорот навистина преземаме иницијатива да се реши определен проблем или да се реализира некоја идеја. Сега, треба да се фокусираме на правилна обработка на податоците и како тие да ни помогнат во креирање идни политики и следење состојби на локално ниво, посочи градоначалникот Богоев на денешниот онлајн настан: „Вклучување на заедницата во процесот на дигитализација на градовите”, организиран од страна на Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21″ и Македонската американска алумни асоцијација (МААА).
На настанот учествувал и Ерик Гордон, професор на „Емерсон Колеџот” во Бостон (САД), кој истакнал дека и другите земји се соочени со предизвикот, како правилно да се користи технологијата и сите современи дигитални алатки.
– Сепак, дигитализацијата на услугите е неминовен процес, кој на долг рок ќе овозможи граѓаните да ја вратат довербата во органите на управата, смета професорот Гордон.
Модераторот на овој настан Зорица Велковска, ко-основач на „Блинк 42-21″, истакнала дека успешната соработка со Карпош, придонела „мЗаедница” да стане атрактивна и посакувана мобилна апликација и за други општини.