Со сопругата бргу ќе го научам јазикот -Новиот ракометар на Вардар, Едуардо Гурбиндо е македонски зет – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/21 4:10 PM

Со сопругата бргу ќе го научам јазикот -Новиот ракометар на Вардар, Едуардо Гурбиндо е македонски зет

Екипата на Вардар1961 следната сезона ќе има нов десен бек, познато име од ракометниот свет – Шпанецот Едуардо Гурбиндо. Тој ќе ја продолжи традицијата да има шпански играчи во тимот на „црвено-црните”, и можеби и освојувањето на што е можно повеќе трофеи. Доаѓа во Скопје од летоска откако ќе му заврши договорот со француски Нант.

За Гурбиндо не е ново доаѓањето во Скопје и во Македонија. Има доаѓано како играч кога се натпреварувал во Лигата на шампионите, но и приватно кога со сопругата се шетале и ги посетувале роднините. Неговата сопруга е од Македонија, па првиот разговор Гурбиндо секако го почна со зборовите што ги знае, „малку малку”, „ајвар”, „добро”… Разбира малку македонски, но вети дека брзо ќе го научи македонскиот јазик и ќе му биде полесно.

Зад себе има една титула во ЛШ, со Барселона а сега доаѓа во клуб каде повторно има амбиција да стигне што е можно подалеку во европските купови.

Одлуката да дојде во Скопје ја донел сам, и најмногу му се допаднало што клубот сакал многу да го ангажира.

„Видов дека има интерес од клубот за мене, и тоа беше еден клучен момент. Јас сум во Франција веќе 5 години и мислам дека е време за промена. Секогаш барам нов предизвик, нови цели, нешто ново да се научи. Мислам дека е ова добра шанса да се дојде во клуб како Вардар, и ќе останам тука три години доволно време да се вклопам во тимот и да постигнеме резултати. Знам дека и претседателот е амбициозен, тој ми кажа дека сака да победува. И јас сум ист менталитет, секогаш сакам да победувам на секој меч. Тоа ќе биде добар предизвик за мене.

Исто така и мојата сопруга е од Македонија и ова е шанса да се научи јазикот за во иднина. Мислам дека ова е добра, но и комплетна одлука. Не само за мене, туку и за семејството. Мислам дека добро ќе се снајдеме во Скопје, вели Гурбиндо.

Тој доаѓа во време кога тимот се засилува и секако амбициите ќе пораснат. Очекува да биде на ниво, да игра добро и заедно со клубот побрзо да ги постигнат поставените цели.

„Не ја знам целосно екипата за в година, но знам дека се создава силен тим. Затоа и бев среќен. Претседателот е амбициозен, и јас сум. Следната сезона треба да биде добра. Секако ќе ми треба малку време да се приспособам на екипата, на јазикот, но сум убеден дека таа адаптација ќе биде кратка и се ќе биде добро.

Интервјуто е преземено од официјалната страница на РК Вардар

фото: Инстаграм