Дезинфекција во градинка во Охрид во присуство на деца – надлежните се правдаат децата биле изнесени надвор – ММС
ММС

Објавено на: 03/15/21 7:14 PM

Дезинфекција во градинка во Охрид во присуство на деца – надлежните се правдаат децата биле изнесени надвор

Дезинфекцијата на холот на објектот „Росица“ на  детската градинка, Јасна Ристеска во Охрид, се врши во присуство на деца, додека тие си играат. Тоа може да се види и од една фотографија, која граѓани и родители ја споделуваат и на социјалните мрежи. Родители коментираат и бараат одговорност.Дезинфекицјата на барање на општината Охрид, ја вршеа од Јавното претпријатие Охридски комуналец во сите објекти на детската градинка.

„Мали се кутри дечиња и не ги имет заприметено. Ова од кога ќе се дезинфицира 24 часа никој не смее да биде во просторијата. За оваа работа родителите треба сега една тужба.Фала му на Господ што не им е ништо на децата.“ „Нека се засрамат тие, што прават дезинфекција, за време кога сите дечиња беа таму, а пред да влезат се сликаа пред врата од градинката.“ Ова се само дел од коментарите на Фејсбук, кои граѓани ги напишаа под фотографијата.

Доректорката на градинката, Мери Рилкова вели дека, целиот процес на дезинфекција бил направен според сите протоколи и дека не треба да се крева паника.

„Што значи децата во тој период во сите објекти беа изнесени. Ако постоеше можности во дворовите, ако не во поголемите холови. Се добива впечаток кога ќе се види фотографијата, дека се прави дезинфекција, додека децата се присутни. Всушност се работеше за изнесување на децата од занималната во холот,за во тој момент да се изврши дезинфекција во занималните. Не е точно дека децата биле присутни. И во сите објекти децата не се присутни кога се врши дезинфекција, излегуваат, бидејки тоа не е штетно“, вели Рилкова.

Рилкова вели дека ова била вонредна дезинфекција, поради зголемениот број на заболени од Ковид 19 во Охрид.

„Дезинфекцијата се вршеше според сите протоколи, како што се врши дезинфекција од Центар за јавно здравје, со средство кое се употребува и кај нас во објектите.Станува збор за  средство,кое е биолошко разградливо и го употребуваме сите секојдневно во градинките.Не треба да има паника кај родителите, бидејки ова средство е сигурно и ние го употребуваме по протоколи секојдневно, според нормативите кои се дозволени, додава директорката Рилкова.

Реагираат и од општина Охрид. Оттаму велат дека дезинфекцијата била спроведена како дел од превентивните мерки за заштита од Ковид- 19 и оти истата била извршена по сите предвидени протоколи.

„Дечињата и вработените во групи, биле отстранети од занималните и додека траела дезинфекцијата престојувале во холовите и големите простории на градинката. Фотографијата која била објавена на социјалните мрежи е направена во време кога една од групите заедно со воспитниот тим се подготвува да ја напушти занималната пред вршење на дезинфекцијата“, велат од општина Охрид.

Од таму додаваат и дека е важно да се нагласи дека дезифекцијата се вршела со средство, кое според декларацијата на производителот не било штетно за човековата околина, здравјето и е целосно биолошки разградливо.

„За конкретниот случај со фотографијата се произнесе и Центарот за јавно здравје кој потенцираше дека не е направен пропуст во конкретната ситуација поради тоа што станува збор за прскање со средство кое не е биолошки штетно, т.е. со него може да се прска и во близина на инкубатори.Ова средство во градинката се употребува секојдневно, за редовна дезинфекција на обувките, просториите, приборот за храна, играчките и останатите површини“, велат од општината.

Родители кои ги носат своите деца во градинката велат дека и покрај се, ова не се прави за време на работното време.

„Ова не се прави деца кога ќе се во градинка. Ова се прави кога ќе е празна градинката, по завршување на работното време.И за ова некој мора да сноси одговорност,бидејки се работи за мали деца“, велат родители.

Мики Трајковски