Над 300 илјади посети на платформата „Македонски туристички водич” – ММС
ММС

Објавено на: 03/15/21 5:34 PM

Над 300 илјади посети на платформата „Македонски туристички водич”

Платформата „Македонски туристички водич”, веќе е посетена повеќе од 300 илјади пати, а апликацијата за паметни уреди е исто така симната повеќе илјади пати, со што, како што соопштија од Владата, се покажува дека е исклучително корисна за сите кои сакаат да ги посетат туристичките локации во Република Северна Македонија и да се запознаат со културното и национално богатство на земјата.

Новата платформа (https://tourism.mk) денеска во Владата ја претставија вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.  Ова иновативно решение на домашните и странски туристи им овозможува голем број услуги, преку прегледи на угостителски и сместувачки капацитети, планирање на патувањата во земјава, а дава и предлози, кои културни знаменитости може да се посетат за време на патувањето.

Завршениот потпроект „Информатички технологии за развој на туризмот” го спроведе Сојузот на стопански комори на Македонија. Висината на доделениот грант изнесуваше 5.094.750 денари, во кој учеството на корисникот на грантот изнесуваше 525.000 денари. Потпроектот е еден од 57-те, во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност,  финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, со техничка поддршка од канцеларијата на Светска банка во Скопје.

-Со новата веб ГИС апликација за развој на туризмот „Македонски туристички водич”, што претставува интеграција на просторни податоци релевантни за туризмот и овозможува корисниците да можат да пребаруваат разни категории и податоци за туризмот, ССК најде креативно решение, преку користење на иновативна технологија да помогне во процесот на мапирање и константно надградување на сите локации од туристичко-угостителската индустрија во државата. Со ова решение тие ќе бидат концентрирани на едно место, посочи вицепремиерот Битиќи.

Како што истакна Арсовска, туризмот е една од гранките кои се најпогодени од ковид кризата. Укажа дека  платформата преку која може да се пристапи на сите начини од сите дигитални уреди е особено значајна за домашните туристи, кои поради природата на пандемијата би можеле да бидат и оваа година најчести посетители на туристичките локации во Северна Македонија, но и за компаниите од туристичкиот сектор кои би можеле да ја искористат и преку неа да креираат пакет понуди за туристите.

-Според статистичките податоци за изминатата година, како резултат на пандемијата, во периодот јануари – декември 2020 година, во однос на истиот период во 2019 година, бројот на туристите е намален за 60,5  проценти. Затоа, Сојузот на стопански комори на Македонија ги идентификува клучните предизвици за развој на туризмот и со воведување дигитални алатки за зголемување на квалитетот на туристичката понуда изготви платформа  Македонски Туристички Водич. Платформата е практично и апликативно решение коешто се базира на географско-информацискиот систем (ГИС) и преку веб и мобилна апликација ќе ја зголеми видливоста на сите туристички и угостителски објекти на национално ниво, а едновремено ги мапира и останатите туристички атракции, како локациите на природните и културни наследства и музеите, нагласи Арсовска.