Кривична пријава за 33 годишен тетовец за полов напад врз дете, пронајдена голема количина на оружје во неговиот стан – ММС
ММС

Објавено на: 07/27/18 1:44 PM

Кривична пријава за 33 годишен тетовец за полов напад врз дете, пронајдена голема количина на оружје во неговиот стан

Против 33 годишен тетовец полицијата поднесе кривична пријава поради полов напад на дете кое не наполнило 14 години. Во неговиот стан во полициска акција пронајдена е поголема количина на оружје.

Секторот за внатрешни работи Тетово го расчисти случајот со нападнатото 10-годишно девојче во Тетово и до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против 33-годишниот тетовец М.Б. поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „полов напад на дете кое не наполнило 14 години“.

Тетовецот М.Б. се сомничи дека на 25 јули годинава околу 17 часот го извршил делото на улица„Благоја Тоска“ во Тетово, поточно во премин помеѓу две станбени згради, каде со нож го исекол девојчето на левата рака и левата нога и го допирал по интимните делови, заканувајќи му се дека ќе го убие заедно со татко и, по што избегал.

Исто така, пријавениот М.Б. се сомничи и дека на 23 јули го допирал девојчето, откако незабележан влегол во нивниот стан, во кое било само, а откако девојчето го удрило по главата, го напуштил местото. Тетовецот М.Б. вчера ( 26 јули ) беше изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.

Истиот ден во попладневните часови полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, извршиле претрес во домот  и помошните простории на тетовецот  При претресот, реализиран со судска наредба, на кој присуствувал и неговиот татко Д.Б.( 67 ), во спална соба пронајдени се: 49 куршуми калибар 22 милиметри, пиштол „ЦЗ“ калибар 9 милиметри со празна рамка и дозвола за истиот, 3 патрони за ловечка пушка калибар 16 милиметри,  103 куршуми калибар 9 милиметри и 1 нож со кожна футрола.  Сето пронајдено е фотодокументирано и со потврда одземено, а Д.Б. лишен е од слобода и задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.

Ваквите полициски акции каде се откриваат поголеми количини на оружје се се почести на полошкото подрачје. Огнено оружје се наоѓа дури и кај малолетници. Со нив се вршат кривични дела кои некогаш завршуваат и со смртни последици. Пред два дена во Тетово беше користено огнено оружје, од кое беше пукано а сопственикот го поседувал без дозвола. За да се намалат употребата на ваквите оружја, експертите советуваат полицијата и понатаму да продолжи да врши контроли кои треба да бидат секојдневни односно при секоја контрола да не се чека судот да даде дозвола, туку полицијата да има поголеми овластување при претресот на луѓето, за кој се сомничи дека поседуваат оружје без никакви документи.

Зоран Димовски