Заостанати долгови и турбофолк му даваат ново руво на штипскиот културен живот – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/18 10:34 AM

Заостанати долгови и турбофолк му даваат ново руво на штипскиот културен живот

Денеска завршува Штипското културно лето кое и годинава ги обедини музиката, театарот и ликовната уметност. Сепак оваа тридецениска манифестација им пркоси на последните музички случувања во Штип кои му даваат ново руво на културниот живот во градот.

Звукот на традиционалната музика испреплетен со оној на турбофолкот. На една страна манифестација поддржана со јавни пари но на приватен простор, додека на другата страна од Градот под Исарот се интерпретираат турбофолк рефрени кои му даваат ново руво на култниот Дом на млади.

Оваа национална установа лани ги отвори вратите за традиционалното хорско пеење во чиј знак помина првиот Астибо фест.

Манифестацијата влезе во програмата за Штипско културно лето 2017, но не доби ни денар од локалната самоуправа – вели организаторот Киро Митев, претседател на Здружението Градски хор.

„Гостите на фестивалот беа презадоволни. Имавме гости од Скопје, Битола, Радовиш, Крива Паланка, од Бугарија. Со диригентката која го води Градскиот хор ние често сме гости на фестивали, па решивме и ние да организираме бидејќи Штип има традиција на хорско пеење. Лани за првпат го организиравме фестивалот. Секоја година до локалната самоуправа доставуваме план за работа, а минатата година не наидовме на разбирање од тогашните градски власти. Фестивалот го организиравме благодарение на спонзори, а од локалната самоуправа иако бевме дел од ШКЛ не добивме еден денар. Имавме 85 гости, половината од нив беа од Бугарија. Луѓето беа презадоволни. Потрошивме околу сто илјади денари“, изјави тој додавајќи:

„Фестивалот се одржа во Дом на млади, но сепак имавме проблеми со капацитетот за гости па зедовме стотина столчиња од Училиштето Ванчо Прќе, но фестивалот беше успешен.

Дводневниот Астибо фест и годинава успеа  да се најде на листата на културни настани кои го одбележуваат летниот период. Повторно без финансиска поддршка од општината  но овој пат, на приватен простор.

„Соработката се случи на иницијатива на Горан Гаврилов. Чул дека минатата година организиравме ваков настан и предложи таа манифестација да се одржи во Мултимедијалниот центар Канал 77. Првиот фестивал кога го организирав, имав желба поради амбиентот таму да се организира, но мислев дека поради тоа што е приватен објект ќе дојде до комерцијализација, па оваа година тој самиот ми понуди да го организираме фестивалот. Имавме прекрасни услови со бина, осветлување и сите придружни елементи кои беа потребни за да се одржи еден фестивал. Оваа година добивме скромни средства од Министерството за култура, кои не беа доволни но се вклопија. Очекувам да добијам средства и од локалната самоуправа кои се ветени, но се уште ги чекам. Проблем е што го организираме фестивалот во летниот период, па дел од учесниците го откажаа учеството и планираме догодина да го организираме на истото место во септември“, објаснува Митев.

Мултимедијалниот центар Канал 77 ги отвори вратите за хорските групи од неколку градови од земјава, но и од соседна Бугарија, без да бара надоместок за тоа.

Во меѓувреме, сцената на Дом на млади беше отстапена за настапот на музичката ѕвезда Аца Лукас, што непријатно изненади дел од граѓаните.

За време на концертот се купуваа пијалоци без да бидат издадени фискални сметки, а покрај тоа, посетителите мораа да чекат и по триесет минути за тоалет. И покрај неколкучасовниот музички настан, организаторот немаше поставено мобилни тоалетни кабини, иако самата Установа располага само со еден женски и со еден машки тоалет.

Прашањето за поставувањето на мобилни тоалетни кабини, во Македонија не е законски регулирано, но се регулира со Европскиот комитет за стандардизација CEN, каде земјава е членка од 2012 година. Овој европски стандард ги утврдува барањата за услугите во однос на користење на кабините и потребните барања за кабините и санитарната опрема земајќи ја предвид хигиената, здравјето и безбедноста. Покрај ова,  стандардот ги утврдува минималните барања за квалитет за кабини и санитарна опрема, како и за чистење, број на поставени кабини, места на поставување и интервали на чистење, односно отстранување.

Комитетот за стандардизација предвидува повеќе видови настани на кои треба да се користат мобилни тоалетни кабини, а дел од нив се и музичките манифестации. Доколку се работи за манифестација која трае помалку од 6 часа, а е посетена од максимум 249 луѓе, бројот на мобилни тоалетни кабини согласно европскиот стандард треба да изнесува 2. За манифестации каде посетеноста е до 499 лица, потребно е да има три вакви кабини.  Дополнително, за оние настани  каде што има шанкови со алкохол, бројот на кабини мора да се зголеми, а пак ако расте процентот на женски корисници бројот на кабини се зголемува за 50 проценти. Европскиот комитет исто така, предвидува и соодветна телесна кабина за лицата со телесен инвалидитет.

Ваквиот стандард кој во земјава се применува веќе шест години не беше испочитуван на концертот на Аца Лукас, а во меѓувреме и од  мобилниот санитарен сервис Тои Тои кој често обезбедува услуги на вакви настани, за Канал 77 потврдија дека кај нив не се обратил никој по повод ваквиот музички настан.

Иако концертот се одржа во Дом на млади, оваа установа не беше организатор. Имено, директорот, Горан Трајков на два месеца пред одржување на  концертот во изјава за  Канал 77 објасни дека Дом на млади само го изнајмува просторот и не е организатор на концертот. Тој изјави дека наследил долг од 300.000 денари, пари кои треба да се вратат, но впрочем за ваквиот концерт не се наплатени пари и самиот настан има чудна финансиска конструкција.

Трајков, кој како еден од погласните штипски шарени револуционери преку медиумите континуирано ја критикуваше власта во 2016, сега остана недостапен да даде свој коментар за настанот. Тој не сакаше да даде изјава и побара прашањата да му бидат испратени по меил, а при тоа не беше заинтересиран ниту да посочи кои активности ќе ги реализира летово Дом на млади за да го збогати културниот живот, но она што се знае е дека токму таму денеска со изложба на фотографии ќе заврши Штипското културно лето кое и годинава го организира општината чии институции отстапуваат простор за приватни настани, додека дел од оние кои се реализираат со јавни пари се одржуваат на добра волја на приватни стопанственици.

Заслугата за преобразбата на културата во Штип каде со години се негува алтернативната уметност, сепак може да се припише и на градоначалникот Благој Бочварски, чиј мандат делумно поминува и во знакот на популизмот – пракса која беше карактеристична и за неговиот претходник, Илчо Захариев.