Припадниците на Армијата и вработените во одбраната отсега ќе може да ги докажуваат своите знаења по англиски јазик преку новиот софтвер за нивно тестирање согласно НАТО стандардот СТАНАГ. Овој нов компјутерски софтвер за тестирање по англиски јазик беше промовиран денеска во Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел” во скопската касарна „Гоце Делчев.
„Ако до вчера тестирањето за англиски јазик беше исклучиво на хартија, што значеше побавен процес, можеби и поголема шанса за човечка грешка, но во истовреме и одредена субјективност, сега веќе сите тестирања на првиот воведен НАТО стандард, а тоа е стандардот за познавање на англиски јазик ќе се вршат компјутерски. Овој софтвер ќе ни обезбеди поуспешно оценување на нивното на познавање на англискиот јазик“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, според која без англискиот јазик не се може бидејќи тој е доминантен.
„Армијата и за одбраната познавањето на англискиот јазик е една од способностите која мораме да ја гарантираме како членка на НАТО. Прво, голем дел од нашите старешини, офицери и војници ќе учествуваат и учествувале во НАТО операции. Еден дел од нив ќе работат во командите на НАТО, во центрите за обука, во различни други задачи коишто подразбираат високо познавање на англискиот јазик Ако претходно тоа беше исклучок кој го поддржувавме, сега тоа мора да биде правило кое сите ќе го почитуваат“, посочи Шекеринска во изјавата за медиумите дадена по денешната промоција. Во насока на ова, таа ги спомена и законските измени.
„Неслучајно во Законот за служба во Армијата воведовме правило според кое секое унапредување од мајор по нагоре ќе има и дополнителен услов, а тоа е повисоко познавање на англискиот јазик. Во ова нема да бидат опфатени само луѓето кои ќе бидат и официјално дел од НАТО Алијансата во смисла работа во команди и операции, туку и оние кои секој ден ќе работат во Армијата и Одбраната, дел од нивната задача ќе биде комуникацијата со НАТО-колегите“, додаде министерката.
Според Алкмина Димова Стоименова од СТАНАГ, имплементацијата на првиот НАТО стандард во државава се наметнала поради потребата од од почести и помасовни тестирања по англиски јазик според овој стандард.
„Зголемена е потребата за тестирање на воениот и цивилниот персонал којшто е планиран да работи во НАТО штабови, да учествува во операции, мисии, вежби и обуки и за унапредување во повисоки офицерски чинови. Во прилог на ова е и фактот дека изминатата година напречено се одвиваа тестирањата по англиски јазик според овој стандард и доследно ги следевме сите пропишани протоколи за заштита од ковид-19. За регулирање на овој нов, компјутерски начин на тестирање претходеше изработка и донесување на ново упатство за начинот на постапување на специјалистите за јазично тестирање, како и изработка на нови насоки за компјутерско полагање. Таквите насоки сите вработени ќе имаат можност да ги прочитаат на веб страниците на Министерството и на Армијата и ќе можат подетално да се запознаат со процедурите за компјутерското полагање“, појасни Димова Стоименова.
Таа информира дека веќе се изработени и демо верзии на тестови за вештините слушање и читање, со кои сите вработени ќе можат на неформален начин да го проверат своето знаење преку секаков електронски уред.
Тестовите ќе се спроведуваат во училницата во Центарот „Д-р Џозеф Крузел”, но планирани се инвестиции во уште две училници во касаршната во Штип.
Фото: Министерство за одбрана
Вања Мицевска