Најмалку 40 лица загинаа при вооружената интервенција на безбедносните сили врз протестите против пучот одржани вчера во Мјанмар, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Во соопштението на Организацијата за помош на политички уапсените лица во Мјанмар (AAPP) се истакнува дека на протестите одржани вчера во многу области во земјата војската и полицијата интервенирале со вистински куршуми.
Според податоците објавени од AAPP на социјалните мрежи денес, најмалку 40 демонстранти биле убиени во текот на еден ден.
Ѕај Пхјо, еден од водачите на протестите, за дописникот на АА изјави дека најмалку 500 армиски лица се распоредени за да ги растераат демонстрантите во Јангон:
„Во околината имаше многу малку полиција, генерално војниците интервенираа на протестите“, рече Пхјо.
Изјавувајќи дека војниците користеле герилска тактика за да ги растераат невооружените демонстранти, Пхјо рече: „Тие ги опколија демонстрантите со мотоцикли и отворија оган врз луѓето. Затоа имаме толку многу жртви.“
Вчера беше најкрвавиот ден на протестите, од пучот на 1 февруари.
Од друга страна, поранешната министерка за надворешни работи на Мјанмар и де факто лидер на земјата, Аунг Сан Су Чу, која беше притворена пред пучот, се очекува денеска повторно да се појави пред воениот суд.
Мјанмарскиот режим воведе воена состојба во две погусто населени области во Јангон, еден ден откако безбедносните сили убија 40 демонстранти кои бараа враќање на цивилното право.
Државниот административен совет, предводен од воениот началник и лидер на пучот што се случи на 1 февруари, Мин Аунг Хлаинг, го засили насилството за да ги задуши демонстрациите против пучот.
Во индустриските области во поранешниот главен град Јангон, Хлаинг Тар Јар и Шве Пји Тар, е воведена воена состојба, по насилството во кое се убиени 40, а се повредени неколку лица. Вкупниот број загинати во насилствата од воениот пуч изнесува 110 лица.
Хунтата денес воведе вонредна состојба во уште четири области во источниот дел на Јангон.
Потегот се случи по неколку часа откако кинеската Амбасада во Јангон бараше сигурност и безбедност за кинеските инвестиции во земјата, откако хунтата ги обвини демонстрантите за предизвикување пожар во седум фабрики, а повеќето се фабрики за облека управувани од Кина, како и училишта во Хлаинд Тар Јар и Шве Пји Тар.
Кинеската Амбасада синоќа издаде соопштение во кое ги повикува мјанмарските власти да преземат ефективни мерки за да го запрат насилството и да ги казнат сторителите.
Шест населени области во Јангон во кои е воведена воена состојба се дом на индустриските работници, кои веќе се едни од најсиромашните во Мјанмар.
Хјуман рајтс воч (ХРВ) со седиште во Њујорк ги повика ОН и меѓународната заедница да почнат силни акции кон хунтата за злосторствата врз главно мирните демонстранти.
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.