ММС, 27.07.2018
Штипската Клиничка болница во изминатата година успеала значително да го намали затекнатиот долг, а во исто време и да инвестира значителни средства за сервисирање на сегашната и за набавка на нова медицинска опрема. Ова денеска на прес конференција го истакна директорот на Болницата Ален Ѓорѓиев. Нагласи дека наследениот долг за трансфузиологија од 24 милиони денари е намален за 18 милиони или за 290.000 евра и оти се надеваат дека до крајот на годината ќе успеат целосно да го анулираат. Вчера успеале да намират и половина од долгот или околу 145.000 евра за неисплатени додатоци на плата за вработените што се провлекувал со години, а другата половина ќе се исплатела во почетокот на септември.
Болницата во изминатата година одвоила 160.000 евра за нова медицинаска апаратура, како и 140.000 евра за поправка, сервисирање и одржување на сегашната, како ангиографот, магнетната резонанца компјутерската томографија, а се очекувало во функција да биде ставен и мамографот.
Во врска со плановите за наредниот период, Ѓорѓиев рече дека, покрај повеќе други, очекуваат да им поминат два проекта со бугарски партнери со поддршка на Источниот плански регион, со кој треба да се добијат околу 140.000 евра за реконструкција на инфективното одделение, како и 20.000 евра за нова медицинска апаратура на физикалната терапија.
Директорот беше прашан и дали веќе се знаат причините за смртта во јуни во штипската болница на 28-годишната родилка од Свети Николе, Маја Паневска. Рече дека првичните причини требало да ги соопшти Комисијата формирана од министерот за здравство. Тоа требало да се случи оваа недела. Меѓутоа, верјатно поради годишните одмори, не се собрала. Комисијата ги имала сите наоди – и од инспекцијата што била направена, и од документите на Клиничката болница и од Судска медицина, така што извештајот со првичните причини за причините за смртта требало да биде соопштен од неа.