Косово вчера официјално ја отвори својата амбасада во Израел, со седиште во Кудс (Ерусалим), пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.
„Врз основа на Договорот од Вашингтон постигнат на 4 септември 2020 година, каде се официјализира заемното признавање помеѓу Република Косово и државата Израел и посветеноста на Владата на Косово кон израелската Влада и американската администрација, и чекорите што се преземени од 1 февруари, Министерството за надворешни работи и дијаспора соопштува дека сега и официјално е отворена Амбасадата на Косово во државата Израел, со седиште во Ерусалим“, се вели во соопштението.
Според ова соопштение, за време на церемонијата за воспоставување дипломатски односи на 1 февруари 2021 година, министерот за надворешни работи на Израел, Габриел Ашкенази, ја открил таблата на Амбасадата на Република Косово во Ерусалим.
„Во неможност да бидат присутни државните претставници на Косово во Ерусалим поради ситуацијата со пандемијата, Министерството за надворешни работи му даде инструкции на вршителот на должноста во Израел, таблата откриена од страна на министерот Ашкенази, заедно со државното знаме, да ја постави во објектот на Амбасадата на Косово во Ерусалим“, се нагласува во соопштението.
Се истакнува дека поставувањето на таблата и државното знаме во Амбасадата на Косово во Израел ја одразува посветеноста на Владата на Косово за исполнување на ветувањето дадено за воспоставување на дипломатската мисија во Ерусалим.
Според соопштението, Амбасадата на Косово во Ерусалим цврсто ќе биде посветена на зголемување на билатералната соработка и зајакнување на меѓународната субјективност на Косово.
Турција прва најостро го осуди отворањето на амбасадата на Косово во Кудс
„Ги повикуваме лидерите на Косово да го слушнат гласот на разумот и да се откажат од овој неодговорен и бесправен чекор”, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Турција