Црна Гора минатата година ја заврши со негативен природен прираст. Бројот на починатите е за 196 поголем од бројот на родените. Тоа е прв пат, од Втората светска војна, откога се води статистика за Црна Гора, да е забележан негативен природен прираст, јавува Анадолија (АА).
Според податоците на Управата за статистика (MONSTAT), минатата година се родени 7.082 бебиња, а починале 7.278 лица. Негативниот природен прираст забележан е во 17 општини, од вкупно 24 во Црна Гора.
Податоците покажуваат дека во Црна Гора веќе со години поголем е бројот на родени момчиња во однос на девојчињата.
Иако порастот на смртноста во Црна Гора е поголем од година во година, до 2020 година не е забележано дека бројот на починатите е поголем од бројот на родените. Меѓутоа, во годината кога се појави коронавирусот, дојде до промена во однос на новородените и починатите. Иако статистичарите и демографите допрва треба да ја анализираат оваа промена помеѓу бројот на новородените и починатите, интересен е податокот дека во 2020 година, од последиците на коронавирусот во Црна Гора починале 681 лице.
Официјалната статистика во делот на родените и починатите за Црна Гора се води од Втората светска војна. Податоците покажуваат дека бројот на новородените во текот на шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век бил над 10 илјади на ниво на годината. Потоа, бројот на новородените се спушта на ниво околу девет илјади, а во последните десет години таа бројка била помеѓу 7.200 и 7.500 новородени. Најмал број на родени е евидентиран во 2011 година, кога биле родени 7.215 бебиња.
Кога станува збор за бројот на починати, најмали бројки имало во текот на шеесеттите, седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, што се движеле во распон од три до четири илјади починати на ниво на година. Меѓутоа, во последните две децении расте бројот на починатите. Така во првата деценија од 21 век бројот на починатите е во просек околу пет илјади, а од 2010 до 2020 година бројот на починатите константно оди преку шест илјади. Така беше од минатата година и појавата на коронавирусот, кога бројот на починатите надмина седум илјади.
Според проекциите на Обединетите нации (ОН) од 2019 година, негативните демографски трендови ќе условат намалување на бројот на жителите во Црна Гора, а во Црна Гора во 2050 година би требало да живеат 589.000 жители. Ова приближно одговара на популацијата на пописот од 1981 година.
До 2100 година, според овие проценки, Црна Гора ќе се врати на состојбата од 50-тите години од минатиот век, односно на 454.000 жители.