Путерот со поминат рок со кој се пофали вицепремиерот Љупчо Николовски, утре ќе се уништи на „Дрисла“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/14/21 8:41 PM

Путерот со поминат рок со кој се пофали вицепремиерот Љупчо Николовски, утре ќе се уништи на „Дрисла“

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вечерва соопшти дека се запленети вкупно 4,5 тони путер со поминат рок кој утре ќе биде уништен на „Дрисла“.

Во соопштението се наведува дека путерот, чиј увозник е млекарницата „Евро Млекара“ од Скопје, е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата не соодветствува со увозната документација за производот според која рокот на употреба бил до 2019 година.

– Агенцијата за храна и ветеринарство изминативе две недели спроведе акција за контрола на млечни производи од увоз во млекарницата „Евро Млекара ДООЕЛ“, Скопје. Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година. Производот е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата на производот (13.02.2021 година) не соодвествува со увозната документација за производот, според која, рокот на употреба бил до 2019 година, посочува АХВ.

Спроведени се и дополнителни контроли во истата млекарница и кај дел од дистрибутерите при што запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупната количина на запленет увозен путер за кој застапник е оваа млекарница е скоро 4,5 тони.

– Целокупното количество на увозен путер со поминат рок, ќе биде уништено утре на депонијата Дрисла. Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во текот на следната недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар. АХВ ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи, се вели во соопштението.

Информацијата прв ја објави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски на својот профил на Фејсбук:

„Во акција на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кај операторот Евро Млекара ДООЕЛ Скопје, се пронајдени и запленети 4.5 тони путер, кој имал важност до 2019 година. Производот е затекнат во продажба  без декларација, и од страна на АХВ веднаш е повлечен од пазарот. Заштитата на граѓаните и нивното здравје се на прво место. Повикувам на целосна истрага и одговорност!“, напиша Николовски кој наиде на остри критики по социјалните мрежи.

“Наместо да се бори против висока корупција во власта, тој се занимава со путер со поминат рок“, стои во еден од коментарите под неговата објава.