Простете ако грешев – Муамед Сејдини реизбран за претседател на ФФМ – ММС
ММС

Објавено на: 03/14/21 12:10 PM

Простете ако грешев – Муамед Сејдини реизбран за претседател на ФФМ

Актуелнио претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини повторно доби поддршка од делегатите на денешното Изборно собрание и ќе биде прв човек на ФФМ со мандат до 2025 година.

Сејдини доби поддршка од 52 делегати од вкупно 96, а претходно доби поддршка и од УЕФА преку својот претставник во Скопје, Зоран Лаковиќ и од ФИФА преку претседателот Џани Инфантино кој преку видео повик им се обрати на делегатите.

Сејдини беше избран како предлог на општинскиот фудбалски сојуз Кичево и го поддржаа 20 општински сојузи од вкупно 26 ОФС кои се членки на Собранието на ФФМ.

“Честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија е голема. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развој на македонскиот фудбал. Годината 2020. на фудбалски план ќе ја паметиме по нашиот најголем успех и пласманот на нашето прво Европско првенство. Потврдивме дека кога се работи искрено и мотивирано резултатите не изостануваат.

Во тој правец ќе продолжиме и во следниот период. На најдобрата репрезентација им ги овозможуваме најдобрите услови за работа, а поголем мотив за нив од настап на Европското првенство мислам дека не постои. Им посакувам многу успех во Букурешт и Амстердам и дај Боже одново да се радуваме на големи резултати“, беа првите зборови на Сејдини по добивањето на вториот мандат.

Тој ги повика клубовите од македонската лига да се вклучат активно во организацијата на натпреварувањата и им даде поддршка за формирање на здружение кое ќе ги организира натпреварите.

“За тој чекор, ниту некогаш сум бил противник, ниту ќе бидам. Тоа е натпреварување на клубовите и доколку сметате дека треба да го организирате преку свое здружение ја имате мојата целосна поддршка. ФФМ ќе помогне во таа насока на начин на кој заеднички ќе одлучиме. Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои нѐ красат. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена.

Дајте Ваш придонес да бидеме горди на репрезентацијата, да бидеме горди на младите селекции, да бидеме горди на нашите клубови, нашите тренери, судии, фудбалски великани“, рече Сејдини додаде:

„Денеска е големиот христијански празник – Прочка. Јас сум муслиман, но и во нашата вера, откако ќе прости, човекот ќе има кроткост, трпение, смирение и човекољубие. Простете ако грешев. Ви посакувам здравје и успех.“

Пред изборот на Сејдини, револт од неговата работа изминатава недела искажа и најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев кој побара заминување на раководството поради тоа што неговиот клуб во Првата лига, Академија Пандев имал нееднаков третман од судиите и ФФМ.

Вчера, пак, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски соопшти дека нема да ги признае резултатите од Собранието поради неусогласеност на статутот на ФФМ со Законот за спорт.

Орце Костов

фото: ФФМ