Министерот за здравство во Јордан поднесе оставка по смртта на осум пациенти во болница – ММС
ММС

Објавено на: 03/13/21 8:54 PM

Министерот за здравство во Јордан поднесе оставка по смртта на осум пациенти во болница

Министерот за здравство на Јордан, Натхер Обидат, поднесе оставка поради смртта на осум пациенти кои починаа поради недостаток на кислород во централниот систем за терапии во болницата во Аман, јавува Агенција Анадолија (АА).

На конференцијата за медиуми во главниот јордански град Обидат рече дека оставката ја поднесува поради морална одговорност по она што се случило во Државната болница „Ал-Салт“ во Аман.

Државната телевизија „Ал Мамлака“ јавува дека инцидентот со недоволна испорака на кислород за терапии предизвикал голема паника во болницата „Ал-Салт“ и дека починале пациенти што се лекувани од инфекција со Ковид-19. Не е прецизирано како дошло до недостаток на кислород.

Премиерот на Јордан, Бичер ал-Касавнех, соопшти дека наредил итна истрага за случајот и најави процесуирање на одговорните.

Од Владата на Јордан не дадоа повеќе информации за инцидентот и не потврдија дека починатите пациенти биле лекувани од Ковид-19.

Во Јордан од почетокот на пандемијата со коронавирусот се заразени 464.856 лица, а од последиците починаа 5.244 лица.