Откако Централната изборна комисија ја верификува кандидатската листа на Социјалистичката партија, за парлемантарите избори што во Албанија ќе се одржат на 25 април, лидерот на единствената македонска партија во ова земја, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски и официјално ја соопшти кандатурата за втор мандат.
-Почитувани Македонци и Македонки, драги мои сонародници,на парламентарните избори на 25 април, се кандидирам за пратеник во округот Корча, на листата на Социјалистичка партија, од единствената партија која ги претставува Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Секогаш верував, дека единствен начин за подобри услови за живот и работа е интеграција на македонската заедница во институциите на системот. Мораме да делуваме во институциите на системот заради нас Македонците и за сите кои живееме и во нашата држава Албанија, напиша Стерјовски на Фејсбук.
Додава дека како пратеник, во претходнот состав на законодавниот дом, достојно ги претставувал Македонците во Албанија и сите граѓани од округот на Корча, нивните проблеми и потреби.
-Бескомпромисно се борев за нашите права. Докажав дека Македонците во Албанија се вредни, чесни, лојални и мирољубиви, ако им се даде шанса тие се способни за секоја функција. Во Собранието на Албанија и во институциите на власта, неуморно се борев за решавање на многубројните проблеми со кои се соочуваме ние Македонците во Албанија, наведува тој.
Посочува дека за првпат после триесет години, заедно со општина Пустец успеале да излобираат Владата да одобри проект вреден 4 милиони евра за решавање на проблемот со водата за пиење на селата во општина Пустец и нагласува дека целата процедура за овој проект е завршена и овие денови ќе почне да се реализира на терен.
Оценува дека неговото присуство на листата на Социјалистичка партија е гаранција дека и во иднина ќе бара од Владата да ги решава многубројните проблеми наталожени во Преспа.
– Се надевам дека ја оправдав вашата доверба. Затоа, ја барам вашата безрезервна поддршка, да продолжам да бидам вашиот глас. Моето искуство стекнато во Собранието на Албанија да го искористам за повеќе работа, интеграција и инвестиции, во коалиција со Социјалистичката партија. За трансформација на Преспа, округот Корча и за трансформација на Албанија, нагласува Стерјовски барајќи го гласот на Македонците и другите жители на округот Корча.
Ја бара подршката за интеграција на македонската зедница во власта, економскиот и социјалниот живот во Албанија,
-Заедно и побројни, до победа за Македонец пратеник во Собранието на Албанија. Потребен е секој глас на Македонците во Албанија, за листата на Социјалистичката партија, со овој изборен законик само тоа е гаранција за сигурна победа и повторно, Васил Стерјовски за пратеник на Македонците во Собранието на Албанија. Да живее Македонската заедница во Албанија! Да живее албанско-македонското братство. Да живее добрососедството меѓу Албанија и Македонија. Гласајте за Социјалистичката партија, гласајте за бројот 12 за Васил Стерјовски за пратеник во Собранието на Албанија, апелира тој.
Стерјовски во албанскиот парламент влезе во мај 2019 година и во оценувањето на активноста на пратениците редовно е меѓу најактивните, главно со прашања кои ги тиштат Македонците во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, каде нивната концентрација е најголема.
Со тоа 38-годишниот докторант на Институтот за национална историја во Скопје, стана прв пратеник во албанскиот Парламент од македонската партија и прв пратеник кој јавно се декларира како Македонец. Истата година беше избран и за лидер на МАЕИ, каде во изминатиот период беше на функцијата генерален секретар.
Фото:
opserver.mk