МЗ: Престанете да ја замајувате јавноста со непостоечки скандали – ММС
ММС

Објавено на: 03/13/21 3:12 PM

МЗ: Престанете да ја замајувате јавноста со непостоечки скандали

Министерството за здравство категорично ги демантира и осудува пласирањата на лажните документи што опозицијата и медиуми блиски до неа ги прикажуваат дека се составен дел од процесот за набавка на вакцини против Ковид -19, се вели во соопштението на МЗ.

-ВМРО ДПМНЕ свесно сака политички да профитира по цена да се наруши договорот за набавка на вакцини и по цена на здравјето на граѓаните. На помош на опозициската партија се и некои медиуми кои единствено од за нив разбирливи причини објавија таканаречен документ, кој е лажен, на ниту еден начин не е поврзан со процесот за набавка на вакцини, како што сакаат да и прикажат на јавноста, нагласува МЗ.

Во соопштението се додава дека во во тој нивни „доказ” се спомнува сума која е лажна иако сакаат да ја прикажат како цена за купување на вакцини.

-Партијата ВМРО-ДПМНЕ и медиуми блиски до нив сакаат да одржат во живот афера која не постои, сакаат да пласираат во јавноста криминал кој не постои, сакаат да спречат Владата и Министерството за здравство да купат вакцини против Ковид -19. И ВМРО ДПМНЕ и медиуми блиски до нив многу добро знаат дека процесите за набавка на вакцини се доверливи, посебно цените на вакцините тоа е глобална политика на сите производители, но и покрај тоа свесно се обидуваат преку лажни информации да наведат дека, од една доверлива постапка излегуваат податоци и документи во јавност. Уште еднаш Министерството за здравство демантира дека документот и сумата наведена во истиот се поврзани со набавка на вакцини, потенцираме дека станува збор за лажен податок, пишува во соопштението.

Од Министерството додаваат дека провизиите на ВМРО-ДПМНЕ се дел од кривични постапки, кои се во тек, набавките во нивно време имаа заштитен знак „фантом фирми и провизии”. Министерството за здравство нагласува дека го цени истражувачкото и критичко новинарство, тоа е двигател на секое демократско општество, но го осудува пласирањето на лажни информации. Додава дека за функционално демократско општество, подеднаква е одговорноста и на државните институции и на медиумите.