Партениј: Да им простуваме, особено на оние на кои ни е тешко да им простиме – ММС
ММС

Објавено на: 03/13/21 2:25 PM

Партениј: Да им простуваме, особено на оние на кои ни е тешко да им простиме

Не можеме да постиме доколку не се измириме и не им простиме на сите, е пораката на епископот г. Партениј пред утрешниот празник Прочка, кој го навесува седумнеделениот велигденски пост.

-Постот е еден наш мал дар кон Бога, а дар не може да се принесе, доколку братот има нешто против нас. Не вели: „ако ти имаш нешто против братот твој“ – за тоа да не ни помислуваме – туку вели: „ако брат ти има нешто против тебе“. Ако братот има нешто против тебе, оди ти и побарај прошка, вели епископот.

Порачува дека подвигот на христијанската љубов е во тоа да се проштева, особено на оние на кои ни е тешко да им простиме.

-Да ни даде Бог благодат сите да го правиме тоа. Да им простуваме особено на оние на кои ни е тешко да им простиме. Тука е подвигот на христијанската љубов, вели Партениј.

Традиционално, во изминатите години, пред и на Прочка, Бигорскиот манастир беше преполн со верници, а масовно присуство имаше особено на неделната умилителна вечера на простувањето, но поради пандемијата со Ковид-19, присуството е ограничено.