Австрискиот канцелар: Вакцините против Ковид-19 не се распределуваат правилно во ЕУ – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/21 8:30 PM

Австрискиот канцелар: Вакцините против Ковид-19 не се распределуваат правилно во ЕУ

Австрискиот канцелар Себастијан Курц тврди дека дистрибуцијата на вакцините против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во рамките на Европската Унија (ЕУ) не се спроведува врз принципот на популацијата на земјите и истакна дека таквата ситуација доведува до нефер дистрибуција меѓу земјите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот Курц организира прес-конференција на која зборуваше за дистрибуцијата на вакцините за Ковид-19 во рамките на ЕУ.

Курц во своето обраќање истакна дека на Самитот на лидери на ЕУ, одржан на 21 јануари, е одлучено дистрибуцијата на вакцината во рамките на Унијата да се спроведе истовремено и според популацијата на земјите, но тоа не кореспондира со реалната слика и според некои извори, забележани се разлики меѓу земјите во однос на пристапот до вакцините. Така, на пример, додека во Данска и Малта е спроведено поголемо вакцинирање, вакцинирањето во Бугарија и Латвија е помало.

Изјавувајќи дека во однос на ова прашање разговарал и со водачите на разни земји, Курц истакна дека кога ќе се проконтролираат датумите на дистрибуцијата на вакцините во земјите во ЕУ, може да се забележи нееднаквоста. „Според тоа, на пример, во јуни на Малта ќе бидат дистрибуирани трипати повеќе дози вакцини по глава на жител отколку во Бугарија.“

Курц тврди дека оваа дистрибуција е спротивна на принципот на ЕУ за распределување на вакцините според индексирањето на населението и е во спротивност со политичката цел на Унијата.

– „Преговори меѓу компаниите произведувачи на вакцини и земјите членки“ –

Австрискиот канцелар, зборувајќи дека по состанокот на лидерите на ЕУ во јануари 2021 година, претставниците на министерствата за здравство на земјите членки на ЕУ одржале посебен состанок со компаниите за производство на вакцини, наречен „Состанок за управување и администрација“, продолжи со зборовите: „Бидејќи договорите постигнати на оваа средба се чуваат во тајност, ниту јас не ја знам содржината, но имам неколку индиции во врска со оваа средба. На средбата, формирана е пазарна атмосфера, при што помеѓу фармацевтските компании и земјите членки се постигнати различни договори.“

Курц изјави дека Австрија не била негативно погодена од процесот на дистрибуција до денес, но дека е јасно оти некои земји се снабдени со многу помалку вакцини од другите.

Нагласувајќи дека оваа ситуација не одговара на духот на ЕУ, дека е во спротивност со политичката цел договорена на 21 јануари, Курц продолжи со зборовите: „Сметам дека одлуките донесени на состанокот со фармацевтските компании треба под итно да се разјаснат.“

Курц, наведувајќи дека не ја обвинува ЕУ, истакна дека е потребна подеднаква дистрибуција на вакцините со цел сите земји членки на Унијата правично да се вакцинираат до почетокот на летната сезона.