Длабоко сочувство и почит кон надлежните служби и доброволците за помошта, изразува кралицата Елизабета Втора во телеграмата испратена до грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
– Принцот Филип и јас изразуваме длабоко сочувство до грчкиот народ и цела Грција за катастрофалниот пожар во Атика. Нашите мисли и молитви се со семејствата и роднините на жртвите во оваа страшна трагедија и со сите оние што ги загубија нивните домови. Изразувам особена почит за смелоста и посветеноста на грчките служби за итни случаи и за доброволците кои понудија нивна помош, пишува кралицата Елизабета Втора во телеграмата до Павлопулос.
Како што соопштуваат од кабинетот на грчкиот претседател телеграми со сочувство испратиле претседателите на Русија, Турција, Кина, Словенија, Србија, Хрватска, Црна гора, Бугарија, Албанија, Палестина, Узбекистан, Азербејџан, Чешка, Белорусија, Етиопија, Молдавија, Финска, Австрија, Габон, Италија, Литванија, Ирска, Швајцарија, Грузија, Холандија, Унгарија, но и кралевите на Шведска и Шпанија, како и Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Извор:МИА