Фекалии истекуваат во Зајашка Река и Треска – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/21 2:34 PM

Фекалии истекуваат во Зајашка Река и Треска

Неколку дена поради затната канализациска цевка на сливот на река Сушица во Зајашка Река, истекуваат фекалии, кои наместо да се упатат во колекторскиот систем, директно се влеваат во реката и целосно  ја загадуваат. Поради близината на Градската болница и Модуларниот ковид центар миризбата се шири и до таму.

Граѓаните од населба Подварош се жалат на неподносливата смрдеа и на проблемот кој го создаде затнатата канализациска цевка.

-Затната канализациска цевка која оневозможува нормален истек на фекалии во колекторскиот систем, придонесе овие фекалии да се слеваат најпрво во Зајашка Река, а потоа и во реката Треска. Се работи за канализациска цевка од голем профил, која ги собира фекалните отпадни води од повеќе населби во градот, а смрдеата што се шири од овој дефект допира до речиси целата населба, а не е поштедена ниту градската болница која е на само 100-тина метри воздушна линија од овие отпадни води, изјави Перо Тренески, жител од блиската населба.

Варошани замолуваат комуналците да го решат овој проблем што побргу за да не дојде до опасни зарази и до голем помор на рибите во реките, каде што истекуваат рфекалните води.

-Бараме од комуналното претпријатие што побргу да реагира за да се отстрани овој дефект, бидејќи ако затопли времето во поширокиот регион ќе  почне да се шири непријатна смрдеа и опасна зараза, велат вознемирените жители од населбата.