(Видео) Аплауз наместо молк како последен поздрав со Горан Гаврилов: Комеморација во чест на пионерот во радиодифузијата – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/21 3:47 PM

(Видео) Аплауз наместо молк како последен поздрав со Горан Гаврилов: Комеморација во чест на пионерот во радиодифузијата

Горан Гаврилов беше пионер во современата радиодифузија, основач на првото приватно национално радио. За себе велеше прво дека е новинар и борец за слободата на говорот, а потоа сопственик. Ваква порака испратија денеска роднините, пријателите и соработниците на Гаврилов, кој почина вчера на педесет и четиригодишна возраст.

Комеморацијата се одржа во Мултимедијалниот центар Канал 77 во Штип, кој додека се уште опстојуваше само како идеја, некои гледаа со сомневање, на што Горан одговараше „ќе видите, ќе успеам“. Пред десетина години, објектот беше пуштен во употреба, за денес на едно место да има радио станица, портал, конгресна сала, граѓански ресурсен центар и ресторан. Токму на тоа место, кое беше втор дом на Гаврилов, денес неговите најблиски и познавачите на медиумските состоби се согласија дека тој жестоко се спротивставуваше на силите кои тврдеа дека нема место за неговите идеи.

Тој сепак, успеа да го докаже спротивното и да ја раскаже својата приказна во Белград, Брисел, Прага, Вашингтон…

Канал 77 стана гласот на народот, на тие што го чувствуваа микрофонот како свој – истакнаа присутните на денешната комеморација.

Горан беше наш колега, наш другар. Заедно го јадевме тој тврд, горчлив новинарски леб. Беше визионер. Знаеше секогаш да биде не еден, туку десет чекори напред. Загубивме човк кој беше спремен секогаш да достигне следно скалило, да биде прв. Секогаш со поглед напред и со насмевка. Не требаше да биде и сега – додадоа неговите блиски кои наместо со молк, со него за последен пат се поздравија со аплауз, онолку гласен, колку што тој гласно се бореше за демократските идеали преку радискиот етер.