Евидентирани 49 837 лица досега преку апликацијата за самопопишување – ММС
ММС

Објавено на: 03/12/21 10:02 AM

Евидентирани 49 837 лица досега преку апликацијата за самопопишување

Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани  49 837 лица, објави Државниот завод за статистика на својата веб страница.

Податоците се однесуваат за состојбата до денеска во 08:00 часот.

Со пријавувањето на апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

Претходно, ДЗС објави дека до апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Апликацијата за самопопишување, како што информираат од ДЗС, е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.