Не треба да се очекува пробив за отворените прашања меѓу Скопје и Софија се додека не завршат изборите во Бугарија на 4 април и не се формира новата влада, изјави претседателот Стево Пенадровски во интервју за ТВ 21.
Тој вели дека дополнителна потешкотија е тоа што во Бугарија во однос на одредени прашања поврзани со нас има политички континуитет со децени. Сите се обединети околу тие политички ставови кои нас не попречуваат за ЕУ, а за кој ние не можеме да преговараме – како што се јазикот и идентитетот, посочи Пендаровски.
За списокот на Красимир Каракачанов со имиња на луѓе од опозицијата во земјава за кои тврди дека имаат бугарско државјанство, шефот на државата вели дека на Каракачанов му се дава многу повеќе простор во медиумите во споредба со неговата политичка релевантност, и во Бугарија и кај нас.
– Не мислам дека неговото политичко порфолио го заслужува тоа внимание. Јас би се занимавал со сериозните политички играчи како претседателот Радев, премиерот Борисов. Јас зборував со Радев, и тој не отстапи ниту милиметар од своите принципи. Но, ги образложуваше неговите аргументи без политички фолклор, не како споменатиот господин, додава Пендаровски.
Тој смета дека би било добродојдено вклучување и на меѓународниот фактор, особено во комисијата за историски и образовни прашања.
– Две балкански држави ако се расправаат за историја нема никогаш да се договорат. Затоа е добро прво во комисијата да се вклучат странци како консултанти, бидејќи досегашната работа на комсијата не дава за право дека ќе се дојде до решение, смета Пендаровски.
Во врска со предлозите на Љубчо Георгиевски, шефот на државата рече дека Героргиевски секогаш бил нестандарден политичар, што во политиката е добра особина, која тешко поминува на избори.
Според Пендаровски, од петте точки на Георгиевски, за него не е спорна првата за краткото и долгото име на државата, да се даде појсанување дека името нема територијални претензии.
– Има и работи кои не се добри и прифаливи. Но, не се се отвори дебата, не сме учени да дебатираме со луѓето кои имаат и радикално различни ставови. Треба да се дискутира за се и да се каже отворено што е добро, а што не, со аргументи, да се разговара точка по точка, изјави Пендаровски.
За ангажманот на владиниот специјален претставник за Бугарија Владо Бучковски, пак, претседателот рече дека тој не е „наивен и глупав политичар, туку напротив човек кој одлично ги познава односите меѓу двете земји, и може да помогне во спорот“.
– Тој е етаблиран во Бугарија, може да се види со секого и да не е специјален претставник. Има конекции, не велам дека ќе го реши проблемот, но нема да биде неговиот ангажман зијан, истакна Пендаровски, додавајќи дека за жал се поткопува неговата позиција.
Коментирајќи го тоа што само 328 лица од С Македонија се пријавиле за гласање на изборите во Бугарија, наспроти тврдењата дека во земјава има 110-120 илјади луѓе со бугарски пасоши, тој кажа дека не е изненаден.
– Наши граѓани имаат бугарски пасоши, и тоа почна при влегувањето на Бугарија во ЕУ. Но, не верувам дека на пописот ќе бидат попишани 110-120 илјади како што се пишува во Бугарија, без оглед што има луѓе со пасоши, за што се знае зошто ги земале, изјави претседателот Стево Пендаровски.с