Македонија не е дел од државите кои од Европската унија ќе добијат помош од околу 530 милиони евра.
Информацијата за тоа кои земји ќе добијат финанска помош од Солидарниот фонд на ЕУ на Твитер ја објави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
-Солидарност на ЕУ на дело, напиша Фон дер Лајен набројувајќи ги земјите кои ќе бидат опфатени со овој пакет, меѓу кои се и Србија, Црна Гора и Албанија.
Со предлогот на Европската комисија се опфатени 17 земји членки и 3 земји кандидати, односноАвстрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Естонија, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Португалија, Романија и Шпанија, плус Албанија, Црна Гора и Србија. Како што стои во соопштението од Европската комисија, средствата кои треба да ги добијат се поддршка на нивните јавни трошоци за медицинска и лична заштитна опрема, итна поддршка за населението и мерките за превенција, мониторинг и ширење на коронавирусот.
Како одговор на нашето прашање, зошто Македонија не се најде на оваа листа испратено до Секретаријатот за европски прашања велат дека поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.
„Во април 2020 год., Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата. Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19“, велат од СЕП.
Во таа насока, Секретаријатот за европски прашања подготвил Информација за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската Унија за справување со финансиското влијание на Ковид-19 во здравствениот сектор. Информацијата со детални информации за можностите и за начинот на аплицирање за користење на помошта, била разгледана и усвоена на 51-та седница на Владата на Република Северна Македонија (одржана на 12.5.2020 год.), по што се иницирало прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.
„По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, беше констатирано дека Република Северна Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ“, велат од СЕП.
Имено, поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант, појаснуваат од Секретаријатот за европски прашња. Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра.
За финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификуваа расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба. Референтен период во оваа смисла за земјата беше периодот 10.03. – 09.07.2020 год, информираат од СЕП.