Денес по кусо боледување почина Горан Гаврилов (54), основач и соственик на Радио Канал77 и порталот Македонски медиа сервис. Гаврилов беше основач и прв човек на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми во Македонија (АПЕММ). Поради неговото познавање на оваа област и професионалност беше вклучен и во подготовката на сите законски регулативи поврзани со медиумското работење во земјава.
Неговата работа започна како пионер во медиумски простор по осамостојувањето на Македонија. Радио „Канал77“, кое годинава ја одбележува 30 годишнината од постоењето, започна со работа на 4 октомври 1991 година, како прв приватен комерцијален радиодифузер.
Горд беше на успесите на Канал 77, идеја, која како што велеше, му се родила уште додека бил студент.
„Идејата за отворање радио ми се роди пред околу три децении кога бев апсолвент на социологија, и, иако имаше многу препреки, веднаш почнав со реализација на тој пионерски чекор“, велеше Гаврилов, основачот на националното радио „Канал 77“, кое почна во приватна куќа, а прерасна во современ Мултимедијален центар, во кој се радиото, интегрираната редакција, порталот ММС, телевизиско студио, конгресна сала, радио-кафе, летна сцена…
Гаврилов беше еден од најдоследните поборници за слободата на изразување и слободата на говорот, кои како што велеше, се базични слободи и права, кон кои сите треба да тежнееме.
-Ние самите моравме да се избориме за слободата на говорот, таа не е секогаш гарантирана и не треба да чекаме да ни ја даде некој друг. Таа борба мора да продолжи до крај. Ние медиумите сакаме да ја пружиме таа слобода и да сме сигурни дека заедно со новинарите и другите медиумски работници ќе функционира, изјавуваше тој.