МФ и МАНУ потпишаа Меморандум за соработка за поттикнување на економскиот раст – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 2:14 PM

МФ и МАНУ потпишаа Меморандум за соработка за поттикнување на економскиот раст

Министерството за финансии и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на системот на јавните финансии и спроведување активности насочени кон поттикнување на економскиот раст и развој.

Меморандумот во името на двете институции го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

– Постигнувањето на планираните цели ќе се реализира преку организирање и вршење научни истражувања, чии научни резултати би се примениле во делот на унапредување на јавните финансии, пазарното стопанство, претприемништвото и конкурентноста и за промовирање добри бизнис-практики. Понатаму, ќе се вршат анализи и научни истражувања во различни области од заеднички интерес коишто треба да резултираат со креирање поволни услови за водење бизнис, поттикнување на економскиот раст и стабилно и предвидливо бизнис окружување, истакна министерот Бесими на потпишувањето на Меморандумот.

Како што соопшти Министерството за финансии, соработката ќе овозможи подобрување и развивање практика на дијалог при креирање на макроекономската и развојната политика, притоа водејќи се од резултатите од фундаменталните, применетите и развојните научни истражувања од таа област.

– Во годините што доаѓаат, МАНУ, што е можно повеќе, ќе ги поддржува и зајакнува фундаменталните, применетите и развојните истражувања во економските науки, а со цел да се зголеми советодавната функција на МАНУ, се наведува во соопштението.

Академик Коцарев истакна дека преку низата натамошни заеднички активности, МАНУ и Министерството за финансии, со помош на научната мисла, ќе придонесат за напредокот на македонската економија.

Министерството за финансии, заедно со МАНУ, се посочува во соопштението, ќе учествува во изработка на стратешки микро и макроекономски аналитички согледувања и научни истражувања. Двете институции заеднички ќе работат и на вмрежување и работа во национални и меѓународни мрежи, на спроведување заеднички иницијативи за вршење научни анализи и истражувања за користа од успешно имплементирање на европските политики и регулативи, како и на други активности чија крајна цел е поттикнување на економскиот раст и развој.