Недоволно инспектори, несоодветни кадри во Шумската полиција и малку финансии за научни истражувања: Додека шумите се уништуваат, се чекаат реформи и институционална соработка – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/21 2:00 PM

Недоволно инспектори, несоодветни кадри во Шумската полиција и малку финансии за научни истражувања: Додека шумите се уништуваат, се чекаат реформи и институционална соработка

Инпекторатот за шумарство и ловство кубури со кадар, шумската полиција нема доволно автономија и дел од вработените се со несоодветно образование, а паралелно на Шумарскиот факултет во Скопје се запишуваат се’ помалку студенти. Ова се дел од предизвиците кои допрва треба да се решаваат на полето на заштита и управување со шумите. За нив, познавачи на темата денеска дискутираа на настанот „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите“ во организација на Институтот за комуникациски студии.

Инспекторатот за шумарство брои 14 инспектори, чија просечна возраст е 54 години, па оваа институција кадровски не може да одговори на сите предизвици и проблеми на територијата на земјава.  Законските измени низ годините направија „страдање“ и за шумите и за граѓаните, но и за стопанствениците – смета Трајче Ангелов одо овој Инспекторат.

„Сега добивме ИТ опрема за секој инспектор, но се соочуваме со проблем на теренски возила. Такви имаме само пет-шест и не тие се доволни за да можеме да го покриеме теренот“, додава Ангелов. На прашање на ММС дали има региони во државава каде сечата на шума, особено нелегалната е поинтензивна, тој посочи дека се работи за проблем  на целата територија. Сепак, додаде дека имало ескалација на ситуацијата во Кичесвско која резултирала со повеќе кривични пријави.

Според Ангелов, прблем е и што операторите кои кои добиваат тендер за сеча и превоз, не си ги извршуваат во целост своите договорени работи. Оттука, се забележува зголемување на отпадот после сеча и недовршување во изготвување на дрвните асортименти.

Помошничката директорка во ЈП Национални шуми, Маре Басова забележува дека „најкритични места“ во однос на заштитата на шумите се Велешко, Беровско, Струшко, Кичевско, Скопско и Прилепско. Таа забележува дека капацитетите на институциите треба да се зајакнат за да има посоодветни казни за оние кои нелегално ги пустошат македонските шуми.

„Шумите не се само дрвна маса за економски бенефити и мора да обезбедиме нивна долгорочна заштита. Имаме нарушувања од познати и непознати сторители, па ланската година се забележани 26 000 метри кубни бесправно исечена дрвна маса. Во земјава 227 шумочувари и околу 1 милион хектари површина под шума, па  ресурсите, како човечки така и технички, и се недоволни за да се справиме со овој сериозен проблем на уништување на шумите“, истакна Басова.

На проблемот со недостиг на ресури укажува и командирот на Шумската полиција во Штип, Горан Трајков. Во земјава има 30 шумарски полициски станици и една централна која се наоѓа во Скопје, но тие не се во можност да одговорат во рамките на свите овластувања.

„Од 1998 година па до ден денес функционираме како да си играме полиција. Не можеме да функционираме без возила, униформи, интернет, информатичка опрема. Тоа се проблеми кои ги наведоа и од Инспекторатот. Во одност на тоа кои рабти треба да се преземат сметам дека под итно секое наредно вработување треба да биде со соодветни кадри од областа на шумарството, а доколку нема, дури тогаш да се вработат кадри со друго образование“, изјави Трајков на денешната панел дискусија. Тој вели на шумската полиција и’ е потребна ИТ опрема, но и кадри кои ќе знаат да ја користат. Тој предлага и да се набават дронови и на тој начин да се прави мониторинг на теренот, а дрвкрадците да се регистрираат на фотографии, кои потоа би послужиле и како докази во евентуални судски постапки.

„Ние, шумарската фела не сме организирани, немаме Комора или Организација за да ги споделуваме проблемите, а има повеќе начини да се решат прблемите и оваа институција да функционира подобро. Кадрите кои се на раководна позија генерално се шумарски инженери, но имаме и лица со несоодветно средно образование“, додаде командирот.

Од состојбите не се задоволни ни од Министерството за земјоделство, шумарство и водостапнство, институција која алармира дека на шумската полиција и е потребна поголема автономност односно ефикасност.

„Ова што се прикажува како официјален податок за обемот на нарушувањата од 26 илјади метри кубни е далеку од тоа што реално се случува на терен.  Токму затоа планираме да ги зајакнеме контролните механизми преку законски измени и подзаконски акти. Предвидуваме законска измена со која ќе се задолжат сите правни лица кои вршат промет на дрво да воспостават 24-часовен видео надзор, односно снимање на стовариштата на дрво“, смета Саша Јовановиќ раководител на Сектор за шумарство и ловство при МЗШВ. Дополнително, проблем според него е и тоа што 71% од населението како како главен или дополнителен енергенс го користи огревното дрво.

„Државата треба да создаде услови за користење на другите видови на енергенски со што ќе се намали побарувачката. Ако постои побарувачка голема како во моментот, тогаш тоа е голем мотив и предизвик да разни нарушувачи“, додава Јовановиќ.

На глобално ниво, огревно дрво се користи во едно од три домаќинства. Овој податок го изнесе универзитетскиот професор, Владимир Стојановски. Со текот на годините, нагласува тој, се намалува бројот на новозапишани студенти на Факултетот за шумарски науки во Скопје, а тоа се должи на повеќе фактори, меѓу кои и условите на пазарот на труд.

„Шумарството е традиционален сектор. Нашите студенти ги препознават стопанските видови, знаат да произведуваат, да садат, обучени се да креираат менаџмент планови и слично. Нашите студенти порано се вработува на разноразни позиции, шумите биле, и се јавно добро доверено за заштита. Фокусот на традициналното шумарство е пред голем притисок и силни влијание за креирање на шумарскиот сектор. Во минатото студентите се вработуваа и имаше дефинирана една клиентела каде тие се вработуваа, но со текот на време шумарството почна да се изолира. Почна да доминира јавниот сектор и да станува главен работодавач за дипломираните студенти, па се самоукина тоа што претходно го имавме“, забележува Стојановски.

„Шумарските инженери како струка порано беа насочени кон одредена своја клиентела, а сега има само еден клиент – политичка партија на власт. Тоа влије врз намалување на бројот на запишани студенти“, критикува професорот.  Тој укажува и на недостигот на финансиски средства за научни истражувања од оваа област:

„За жал, последниве десетина години сме на дното на Европа, но и на дното во регионот, бидејќи вложуваме три пати помалку финансиски средства вонаучно-истражувачка работа. Ние тоа го запоставуваме, Факултетот кубури со средства (финансии) за научни истражувања, но поради својот ентузијазам и со волонтирање, професорите направија некои работи на кои можеме да сме горди. Издадовме многу трудови, проекти, реализиравмеакции. Имаме и ангажман на странски експерти во самиот процес на предавање на факултет“. Искуството покажало дека соработката со невладинио сектор е исклучително важна, но потребна е поголема соработка со ЈП Национални шуми, МЗШВ и Министерството за животна средина.

„Потребна ни е и хармонизација со ЕУ легислативите. Во прашање е трансфер на знаење, идентификација на правилни луѓе, кои ќе се обучат, а потоа ќе се имплементираат на терен. Нерешливите прашања ја нарушуваат големата слика за шумите.  Потребни се сериозни реформи во шумарскиот сектор, реформи во високото образование во шумарството. Тоа ќе донесе значајни промени кои ќе влијаат врз одржливоста на шумите. Шумата е критичен природен ресурс и треба свеста за заштитата да се вметне во умовите на младите луѓе. Треба да оставиме идни генерации кои нашиот ентузијазам ќе го пренесат понатака, заклучува професорот.

Шумата покрива триесетина проценти од територијата на Македонија. Најголем дел од шумите се во државна сопственост,  а вкуната дрвна резерва изнесува околу 78 милиони метри кубни – покажуваат податоци на ЈП Национални шуми.

Проценките се дека нелегалната сеча се движи околу 25-30% од вкупно исечената дрвна маса. Надлежностите на шумската полиција и шумочуварите се преклопуваат, а учеството на изречени инспекциски мерки во однос на извршените надзори укажува на низок степен на казнивост (13%) – покажува анализата на Институтот за комуникациски студии и Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ). Денешната панел дискусија е дел од кампањата Разбистри се’.

 

Вања Мицевска