Чудо ја спаси Шела од Треблинка: Единствениот жив сведок на депортацијата на штипските Евреи голготата ја раскажа и во книга – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/21 10:12 PM

Чудо ја спаси Шела од Треблинка: Единствениот жив сведок на депортацијата на штипските Евреи голготата ја раскажа и во книга

„Престанав да плачам кога имав десет години зашто веќе не ми беа останале солзи, цели 55 години на моите деца не им кажував ништо за себе“, вели Рашела-Шела Сион Алтарац, сега жителка на Ерусалим, која повеќе не молчи, а пред 1,5 месец нејзината приказна, нејзините мемоари се објавени и во книга

Пишува: Љупчо Шатевски

Престанав да плачам кога имав десет години зашто веројатно не ми беа останале повеќе солзи, а за себе, за трагедијата на моето семејство и на моите соседи од некогашното штипско Еврејско маало многу ретко зборував.

Вака, на одбележувањето на 73-годишнината на депортацијата на штипските Евреи, на 11 март 2016 година, почна да ја раскажува својата животна приказна Рашела Сион – Алтарац, единствениот  денес жив сведок роден во Штип што ја преживеал еврејската голгота од 1943 година. Таа одамна живее во Израел, во Ерусалим, каде што се омажила со Брацо и има три деца, десет внуци и пет правнуци.

„Ми беше тешко пак да се соочам со трагедијата“

– Цели 55 години на моите деца не им кажував ништо за себе, за мојата голгота. Повеќе не е така. Сега и дојдов во Штип со мојот најмлад син. Ќе отидам да го најдам и местото каде што беше нашата семејна куќа, урната, како и целото еврејско маало, од фашистите по нашата депортација. Досега немав сили. Велев дека не знаев каде точно ни` беше куќата, а всушност ми беше страв пак да се соочам со трагедијата. Ќе отидам и да им се поклонам на моите покојни роднини и предци на Еврејските гробишта во Штип – истакна тогаш Рашела-Шела, која се нашла во депортациската колона на неполни девет години.

Рашела, родена 1934 година во Штип, повеќе не молчи. За страдањата зборува јавно, а нејзините мемоари, нејзината приказна ИДКНА и невладината „Акта нон верба“ ги отпечатија во книгата „Изгубено детство“ што, и со кратко видео-обраќање на Шела, беше промовирана во Скопје на 27 јануари годинава, на Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот. За приказната на Шела Меморијалниот центар во Ерусалим го сними и документарниот филм „Земете го девојчето“.

Книгата „Изгубено детсво“ е објавена на четири јазици: македонски, албански, англиски и на иврит (хебрејски)

По тој кобен 11 март 1943 година, кога од фашистите било собрано целото нејзино семејство, како и сите 550 штипски Евреи, Рашела во Штип првпат дошла во 2006 година. Потоа родниот град го посетуваше уште неколку пати, кога и раскажуваше делови од својата страшна животна приказна, изгубеното детство, во кое останала без целото свое семејство ликвидирано во логорот Треблинка заедно со уште околу 7.100 македонски Евреи.

Рашела во родниот град пред пет години

„Возрасните знаеја дека од тој пат нема враќање“

А, Шела од Треблинка во 1943 година, кога имала неполни девет години, ја спасило чудо. Во критичната ноќ меѓу 10 и 11 март 1943 година во семејната куќа во штипското еврејско маало било собрано целото нејзино семејство. Татко и’ Дејвид, мајката Дудун, а биле дојдени и брат и’, кој студирал медицина, сестра и’ Бела, која била омажена во Приштина.

– Не’ разбудија во раните утрински часови силни удари на вратата од кундаци на пушките на бугарските војници. Војниците ни’ наредија да се облечеме и веднаш да излеземе. Беше собрано целото Еврејско маало. Се создаде голема колона во тоа студено утро. На Железничката станица во Штип не’ турнаа во вагони и тргнавме кон Скопје. Беше страшно. Се слушаше плач од сите страни. Возрасните како да знаеја дека од тој пат нема враќање – раскажуваше во Штип Рашела Сион Алтарац на 11 март 2013 година, на 70-годишнината од депортацијата на македонските Евреи.

Шела во Штип во 2013, на 70-годишнината од депортацијата на Евреите

Во тогашниот скопски Монопол биле затворени заедно со битолските и со скопските Евреи.

„Се спасиве буквално во последен час“

– Речиси три недели поминавме во Монополот во неиздржливи услови. Ме спаси чудо. Од италијанските власти во Приштина, кои имаа поумерен став за Евреите, на сестра ми, која беше омажена во Приштина, и` стигна дозвола да биде ослободена. Кутрата ми мајка најде спас и за мене. На сестра ми на шпански јазик, за да не ја разберат чуварите, и’ довикна` и мене да ме земе со себе. За чудо, војниците, веројатно мислејќи дека сум ќерка на мојата сестра, а можеби некој сакал и да замиже, не` пуштија и двете. Се тресевме од страв и плачевме кога излеговме. Се спасивме буквално во последен момент. Дури видовме и како почнаа да ги товараат возовите на смртта за Треблинка – се присетува Шела на траумата што никогаш нема да ја заборави.

Но, маките не престанале. Во 1944 година, по капитулацијата на Италија, во Приштина се самоубива со отров сестра и’ Бела за да си ги скрати страдањата. Шела ја зела една жена и ја криела во Ѓаковица. Но, набрзо потоа, тогаш десетгодишната Шела заболува од тифус. Во болницата некој пријавил дека е Еврејка. Била вратена во Приштина и затворена во логор. По завршувањето на војната, завршила во детски дом за Еврејчиња во Белград, а од 1949 година е во Израел, каде што живее и денес.

Штипјани не забораваат на своите некогашни сограѓани: Пред две години на 11 март во нивно сеќавање имаше марш (слика горе), а годинава, поради пандемијата, чествувањето беше со помалку луѓе, кои положија цвеќе на Споменикот на Евреите во центарот на градот и на Еврејските гробишта (слика долу)

 

 

ПО ДЕПОРТАЦИЈАТА, УРНАТО ЦЕЛОТО ЕВРЕЈСКО МААЛО

Од домовите на 140 еврејски семејства во Штип денес се останати само неколку куќи, како сведоци дека во градот под Исарот до раните урински часови на 11 март 1943 година живееле околу 550 Евреи. Речиси сите, заедно со Евреите од Битола и од Скопје,  трагично завршија во нацистичкиот логор Треблинка. Само седуммина од штипските Евреи успеале да го избегнат холокаустот во 1943 година.

Многумина штипјани и не знаат дека во градот и денес има останато неколку еврејски куќи зашто бугарските фашисти, по депортацијата на Евреите на 11 март 1943 година, од темел го урнале целото еврејско маало, сместено од црквата „Св. Никола“, па речиси до денешниот градски плоштад, заедно со синагогата, еврејското училиште, културниот клуб, многубројните дуќани и други објекти, по што имало голема работна акција за расчистување на теренот од урнатините. Останале само неколку еврјски куќи што биле надвор од Маалото, од другата страна на реката Отиња.

Некогашното еврејско маало целосно урнато во 1943 година