Со обраќања на Ердоган и Путин, положен камен-темелникот на Третата единица на нуклеарната централа во Турција – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/21 5:43 PM

Со обраќања на Ердоган и Путин, положен камен-темелникот на Третата единица на нуклеарната централа во Турција

Со учество преку видеолинк на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин, положен е камен-темелникот на третата единица на нуклеарната централа „Акују“ во Турција, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Ердоган во обраќањето на свеченоста преку видеоконференциска врска истакна дека одлуката за вклучување на нуклеарната енергија во енергетската инфраструктура на Турција е стратешки чекор кон сигурноста на снабдувањето со енергија.

Нагласи дека целта на Турција е производство на енергија без нанесување штета на животната средина, односно преку тој пристап да се дојде до нуклеарна енергија.

Турскиот претседател рече дека уделот на обновливата и домашната енергија во рамките на инсталираната енергетска сила е 63,7 отсто.

„На 100-годишнината од нашата Република, Турција ќе ја додадеме во лигата на земји со нуклеарна енергија“, порача Ердоган.

Владимир Путин на церемонијата на поставување камен-темелник на третата единица на нуклеарната електрана „Акују“, во турскиот град Мерсин, присуствуваше преку видеолинк.

Рускиот претседател им честиташе на сите страни на досегашните достигнувања.

„Започнува нова ера во нашиот заеднички проект, нуклеарната електрана „Акују. На подрачјето на „Акују“ ќе бидат поставени вкупно четири единици, а ќе има моќност од 4.800 мегавати“, изјави Путин.

Тој потсети дека камен-темелникот на првата единица е поставен во април 2018 година, и дека на церемонијата присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Изрази задоволство од напредокот во изградбата на електраната, благодарение на координираната соработка на руските и турските експерти, инженери и работници.

Путин изјави дека за техничките прашања, кога станува збор за изградбата на електраната, се применуваат најнови решенија.

„Покрај тоа, не нѐ спречија дури ни низата потешкотии предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Преземени се сите потребни мерки за да се заштити здравјето на сите вклучени во проектот“, изјави Путин.

Тој изјави дека заедно со Ердоган ќе пружат секаков вид поддршка за електраната да започне со работа во 2023 година, кога Република Турција одбележува 100 години од нејзиното постоење.