И покрај тоа што има диплома на правник од престижниот Оксфорд, Фаиз Сидикви тврди дека е целосно зависен од неговите родители кои живеат во Дубаи.
Во судските документи што се појавија во медиумите, тој се опишува себеси како „ранливо“ возрасно дете со здравствени проблеми и тврди дека со престанувањето финансиски да го издржуваат, неговите богати родители ги кршат неговите човекови права.
Дипломираниот правник, кој не работи од 2011 година, живее бесплатно во стан вреден 1,14 милиони долари во сопственост на неговата мајка Ракшанда (69) и таткото Џавед (71) во Хајд Парк, Лондон. Покрај тоа, неговите родители му ги плаќаат сметките, му даваат 550 долари неделно, но му се заканлиле дека ќе престанат да го финансираат поради сериозните недоразбирања и расправии што ги имале.
Ова не е првпат Фаиз Сидикви да се појавува во медиумите. Пред неколку години заврши во вестите затоа што го тужеше Оксфорд, тврдејќи дека овој универзитет не му обезбедил соодветно образование, што наводно го спречило да добие првокласна диплома и влијаело врз неговата кариера како адвокат. Тој ја процени загубата на 1,4 милиони долари, но судијата го одби неговото барање.
Сидикви, кој работеше во неколку адвокатски канцеларии до 2011 година, минатата година покрена постапка против неговите родители со барање за финансиска поддршка, но беше одбиен од судијата. Сега е упатен до Апелациониот суд и се смета за значаен случај што може да влијае на правата на секој родител од Велика Британија.