Храбриот Порто предводен од некогашниот играч на Интер, Серхио Консисао, кон кого медиумите по завршувањето на мечот не пружија почит колку што всушност и заслужува, изненадувачки го елиминираше актуелниот италијански шампион Јувентус и резервираше билет за 1/4 финалето до Лигата на Шампионите.
Порто сезонава не брилијира во домашното првенство, но формата од Португалија не ја пренесe помеѓу елитата. На чело со капитенот Пепе кој на 38 години одигра маестрална партија во одбрана, поранешните европски шампиони загубија со 3:2, но благодарение на двата гола во гости и резултатот на „Драгао“ (2:1), го трасираа патот кон осумте најдобри.
Несмасниот фаул на Демирал во 18-тата минута од Бјорн Кујперс беше окарактеризиран како пенал, а од белата точка сигурно погоди херојот на сино-белите, Серхио Оливеира. Јувентус во вториот дел ја „стави ногата на гас“ и инстантно го изедначи резултатот преку единствено расположениот за игра во редовите на тимот од Торино, Федерико Киеза. Бајката за Порто неколку минути подоцна се претвори во мини-катастрофа, откако Меди Тареми доби жолт картон, а потоа судијата му покажа уште еден поради шутирање на топката по неговиот свиреж. Престрого или не, Португалците останаа во поле со девет играчи. Киеза во 63-тата минута одлично го искористи додавањето на Хуан Квадрадо и го рестартираше двобојот. Мората во судиското продолжение конечно го совлада Марчесин, но ВАР-системот и линискиот судија синхронизирано покажаа дека Шпанецот се наоѓал во недозволена ситуација.
Италијанско-португалскиот дуел отиде во продолжение двапати по 15 минути. До 115-та минута се чинеше дека Јувентус и Порто ќе решаваат за 1/4 финале преку пенал-рулетот, но тогаш започна вистинска драма. Серхио Оливеира уште еднаш, овојпат од слободен удар ја искористи лошата поставеност на живиот ѕид и уште полошата реакција на полскиот голман Шчезни и го израмни резултатот. Радоста не траеше долго бидејќи Рабио по изведениот корнер во следната акција го врати водството до 3:2. Уште еден погодок во мрежата на аргентинскиот чувар на Порто ќе значеше и прогесирање во нокаут-фазата за „старата дама“. Порто издржа и заслужено се избори за своето „место под ѕвездите“ во Лигата на Шампионите.
Покрај очигледната разочараност на фудбалерите и Андреа Пирло, раководството на Јувентус не се издвојуваше во тој поглед. Заменик претседателот на италијанскиот гигант и некогашен фудбалер на Јувентус и Лацио, Павел Недвед, по судискиот финален свиреж започна да ги „шутира“ рекламните банери на стадионот.
Quite iconically Juventus vice president Nedved at the full time at the borders of the pitch (where he couldn’t be) kicking angrily on the banners
‘Equal Game’ and
‘Respect’ pic.twitter.com/gwFuclJ5HN— Tancredi Palmeri (@tancredipalmeri) March 10, 2021
„Болката“ наречена Лига на Шампиони не може да се излечи и Јувентус по ланското испаѓање од Лион и она од Ајакс пред три години, сега испадна и од уште еден клуб против кој ја имаше фаворитската улога.
Во вториот меч во Дортмунд, домаќините ја задржаа предноста од првиот меч во Андалузија и со 2:2 закажаа ново 1/4 финале. Неверојатниот Халанд повторно стана кобен за Севиља постигнувајќи два погодоци во 35-тата и 54-тата минута, додека пак Ен Несири исто така двапати се запиша во листата на стрелите во 69-тата минута и 96-тата минута, недоволно да го одведе мечот во продолженија и да се надокнади поразот од првиот дуел од 2:3.
Фото:
dailymail.co.uk
independent.co.uk