Не може некој да влезе во болница и да излезе без три органи а тоа да биде по закон, вели Ивановска потенцирајќи дека не е етички директорот се уште да раководи со институцијата – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/21 2:34 PM

Не може некој да влезе во болница и да излезе без три органи а тоа да биде по закон, вели Ивановска потенцирајќи дека не е етички директорот се уште да раководи со институцијата

Владата покрена соодветни иницијативи и се постапува. Не можеме некој за било што да го осудуваме, одлуките треба да се носат на база на факти и аргументи. Инспекторатот експресно  донесе решение за забрана на вршење на дејност во рамки на тие простории – рече денеска министерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, во врска со случајот со родилката Јилдиз Веапоска на која и беа извадени три органи при породување, а Лекарската комора во својот извештај утврди дека нема пропусти во работата на директорот на струшката болница, кој своевремено имаше дива гинеколошка ординација во својот дом.

– Во однос на овој случај има и соодветна постапка пред ЈО, а Владата и сите ние ќе постапуваме по сите информации кои што ќе ги имаме. Се уште до нас не е дојден извештајот од Лекарската комора, од медиумите дознавме за него. Сите аргументи од тој извештај ќе се имаат предвид, во него како што медиумите пренесоа нема никакви прекршувања во делот на стручноста. Ние сме првите кои покренавме постапки и секако дека до крај ќе биде истражен случајот, но инспекторатите тука имаа експресно брза реакција, рече Николовски, неколкупати потенцирајќи дека тие први ги повикале инспекторатите да преземат активности и го обелоделниле случајот со дивата гинеколошка ординација во јавноста.

Директорката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, вели дека тие не постапувале по овој случај бидејќи Јавното обвинителство веднаш  се зафатило со него, но таа лично смета дека случајот треба уште еднаш да се провери.

– Прво и она што вчера го слушнавме од медиумите за мене е непоимливо. Не може некој да влезе во болница и да излезе без три органи, а тоа да биде по закон, како што е се кај нас – се случуваат ужаси, а се е по закон. Мислам дека од Министерството треба уште една комисија да отиде и да го провери случајот. Од друга страна сметам дека не е етички некој на кој што му се случиле вакви работи, да раководи со таква институција, рече Ивановска, потенцирајќи дека ова е нејзин личен став бидејќи во Комисијата не го разговарале како предмет.

Според стручниот наод, Веапоска била соодветно примена и адекватно подготвена за породување, а лекарската екипа навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресусрси на болницата за адекватно згружување на пациентката во услови на живото-загрозувачка состојба.

Веапоска не го признава ваквиот извештај и бара стручно медицинско појаснување, зошто останала без три органи, доколку немало лекарски пропуст.

За потсетување, директорот на струшката болница Асани кој го изврши породувањето, во својот дом имал дива  гинеколошка ординација, за која му беше издадено решение за забрана за вршење на здравствена дејност. Гинеколошката ординација како што посочија тогаш од ДСЗИ, била комплетно опремена, но Асани дал изјава пред инспекторатите дека ординацијата ја има, но во неа не прегледува.