Трговските треба да работат и во недела, вели Заев – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/21 1:51 PM

Трговските треба да работат и во недела, вели Заев

Премиерот Зоран Заев смета дека трговските центри треба да работат и во недела, но вели дека им дава шанса на ресорните министри, работниците и коморите да утврдат кое е најдоброто решение.

-Ако во недела не работат трговските центри во Скопје нашите граѓани ќе одат во Косово и во Србија. Ако, пак, работат, тие ќе дојдат овде во недела. При тоа работењето во недела треба да се определи какво е согласно работничките права, рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање при денешната посета на „Скопје Ист Гејт“ заедно со вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши.

Нагласи дека сака секоја мајка и татко што ќе работи во објектот на „Скопје Ист Гејт“ или во другите трговски центри да имаат право и на неделен одмор.

-Треба да се регулира дали ќе работат 10 часа наместо 12 или 18 часа колку што работат во недела. За тоа постојат стручни луѓе и министрите за економија и за труд и социјална политика веќе ми презентираа креативни решенија што во моментов се бараат, рече Заев.

Посочи дека веќе постојат, како што рече, убави европски решенија ем да има издишка во недела за работниците, ем да не изгубиме од економските придобивки, пред се за квалитетни плати на граѓаните и стопанството и за севкупната економија.