Битиќи: Некои барања на музичарите во овој момент е невозможно да се остварат – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/21 12:07 PM

Битиќи: Некои барања на музичарите во овој момент е невозможно да се остварат

На некои барања во овој момент е невозможно да се одговори, но се креираат механизими за системско решавање, одговори вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на новинарско прашање дали Владата ќе одговори на барањата на музичките артисти, зошто во спротивно тие најавија протест од понеделник.

„Јас сум познат по тоа да ги сослушувам сите страни, било кое барање, затоа што доаѓа од потребата, но секако ја сослушувам и другата страна а тоа се  здравствените прилили. Затоа, не како функционер, туку како човек на мене ми е побитно здравјето на граѓаните и здравјето на секој еден човек.Сметам дека некои барања во овој момент е невозможно да се исполнат, но секако креираме механизми за нивно системско решавање, за да помогнеме ако не во овој момент, во наредниот период. Ќе имаме доволно време и за прослави , и за работа и за надокнада на се’ она што е изгубено,“рече Битиќи. Кој додаде дека на сите им било помогнато според приликите кои што ги има Владата.

Битиќи рече дека пред неколку дена зборувал со фотографите, туристичките водичи, естрадните уметници.

„ За жал, зборуваме за категорија луѓе кои биле надвор од системот. Им понудивме преку активните мерки за вработување да се вклучат на пазарот на трудот и да разгоараме за законско решение како најлесно да влезат во системот. Кога ќе бидат дел од системот, дел од формалната економија, многу полесно ќе креираме мерки и за оваа категорија луѓе, рече вицепремиерот.

Над 1.200 музичари и членови на шест сродни музички здруженија вчера упатија ултиматум до Владата до петок (12 март) да им одговори на барањата за олеснителни протоколи за работа, помош од по  43.000 денари, но и прием во Министерството за култура, со цел да си ги кажат проблемите и да се дадат предлози за нивно надминување. Во спротивно, беше речено вчера, ќе бидат принудени во време на пандемија нивните права да ги бараат на протест.