Aгенда „Европа дома” за вдомување на европските стандарди – ММС
ММС

Објавено на: 03/9/21 4:03 PM

Aгенда „Европа дома” за вдомување на европските стандарди

Изборната рефрма, правосудството, борбата против корупцијата и економското владеење се дел од точките на кои се темели документот „Агенда Европа дома“, кој денеска го презентираа премиерот, Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања,  Никола Димитров. Очекувањата на надлежните се дека реализацијата на овој документ ќе овозможи подобар живот за граѓаните во земјава.

„Документот е своевиден роковник со утврдени активноси и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системот. Тој е подготвен врз основа на обврските кои сме ги презеле во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и ЕУ, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската комисија. За секоја приоритетена област се наведени прецизни цели и надлежни институции, како и рокови за нивна реализација, додека документот е консултиран со невладини организации кои работат во областа на евроинтеграциите како и со Делегацијата на ЕУ“, објасни Заев.

„Европеизацијата на македонското општество не смее да чека, а нашиот план очекуваме да ни донесе позитивен извештај за оваа 2021 година. Таа се надоврзува на досието во Брисел кое е кристално чисто за 2020 година, македонските граѓани треба да бидат горди. Ги консултиравме најдобрите практики. Сите реформи сакаме да ги направиме со систематско решавање на проблемите, а не со избрзани и половични решенија“, додаде Заев.

Агендата ја подготви Димитров со тимот на  Секретаријатот за европски прашања, кој најави коренити промени во системот.

„Подготвени сме да ги впрегнеме институциите и да ги разбиеме митовите дека стратегии се прават кога се сака да се избега од вистинската работа“, истакна вицепремиерот на денешната прес конференција.

Тој најави унапредување на владеењето на правото со подобрување на соработката меѓу ДКСК и Владата, интензивно работење за зачувување на Охрид како град  на УНЕСКО и медиумски реформи со цел јакнење на независноста на ААВМУ и јавниот радиодифузен сервис.

„Ќе продолжиме со напорите за заштита на новинарите како што тоа доликува на една демократска земја“, додаде Димитров.

Заев пак, најави дека европските стандарди ќе бидат внесени дома, но додаде дека првата меѓувладина конфернеција за официјално започнување на преговорите се’ уште се нема случено бидејќи нема согласност од земјите членки за одобрување на рамката за преговори.

Спроведувањето на документот ќе го следи Секретаријатот за европски прашања на неделна основа, а Димитров ќе ја информира Владата за имплементацијата со пресек на секоја седница. Врз основа на ова, во мај, септември и декември годинава се очекуваат и извештаи за спроведувањето на Агендата, кои ќе бидат објавени на веб страниците на Владата и на СЕП.

 

Вања Мицевска