Мерките кои се предлагаат не се популарни мерки, туку мерки за да го заштитиме населението, животот и здравјето на граѓаните, вели Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој смета дека подобро е пократок временски период да има рестриктивни мерки, отколку да има целосно оптоварување на здравствениот систем.
„ Сега оние граѓани кои реагираат на носењето на рестриктивни мерки, на одлуките, истите тие ќе реагираат во моментите кога ќе дојдеме до една широка заразеност на населението и неисполнување на можностите за лекување,“ рече Спасовски.
Министерот Спасовски испрати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките, да нема групирања кои се извор на ширење на вирусот.
„ Само тоа ќе може да ни помогне на сите нас во заштитата на здравјето на населението,“ додаде Спасовски
Денеска на владината седница ќе се донесе одлука дали на територија на цела држава по предлог на Комисијата за заразни болести ќе биде воведен полициски час од 22 навечер до 5 часот наутро.