Бајден ги врати кучињата во приватна резиденција затоа што ги напаѓале агентите од обезбедувањето – ММС
ММС

Објавено на: 03/9/21 10:00 AM

Бајден ги врати кучињата во приватна резиденција затоа што ги напаѓале агентите од обезбедувањето

Американскиот претседател Џо Бајден ги врати своите две кучиња во приватната резиденција во Вилмингтон, Делавер, по инцидентот во кој едно од кучињата нападна член на обезбедувањето на Белата куќа, пренесуваат американските медиуми.

Тригодишното куче, помладо од двата германски овчари на Претседателот, се однесувало агресивно, скокало, лаело и ги напаѓало вработените во Белата куќа како и агентите за обезбедување, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на анонимни извори.

Изворите го спомнале инцидентот со нападот на агентите без да наведат дали има повредени. Инцидентот бил сфатен доста сериозно па кучињата биле вратени  во куќата на Бајден во Вилмингтон.

Засега е непознато кога и дали на кучињата на Бајден ќе им биде дозволено да се вратат во Белата куќа.

Во интервју минатиот месец, првата дама Џил Бајден изрази загриженост околу сместувањето на кучиња во Белата куќа.

„Тие треба да се качат на лифтот, на кој не се навикнати, и да излезат во дворот каде што има многу луѓе што ги гледаат“, изјави таа за телевизијата НБЦ.

Претходникот на Бајден, Доналд Трамп, немаше милениче во Белата куќа.

beta.rs