За мене вакцинирањето е мал убод со многу надеж: Д-р Владимир Ристовски ја чека втората доза – ММС
ММС

Објавено на: 03/9/21 10:20 AM

За мене вакцинирањето е мал убод со многу надеж: Д-р Владимир Ристовски ја чека втората доза

Вакцината „Фајзер“ која беше првата вакцина што пристигна во нашата земја, како донација од Србија наменета е за здравствeните работници, кои цел овој период на прогласена пандемија во светот, храбро се бореа со пациентите позитивни на Ковид 19. Еден од здравствените работници кој ја прими првата доза од фајзеровата вакцина е и д-р Владимир Ристовски, специјалист по интерна медицина, супспецијалист по кардиологија, интервентна кардиологија, докторант по клиничка медицна од ГОБ „8 ми Септември“.


За искуството по примената прва доза од вакцината раскажа за ММС и вели дека по вакцинацијата неколку часа подоцна чувствувал блага болка, но по ден – два болката исчезнала.

„Уште првиот ден кога започна вакцинацијата во нашата држава со вакцините на „Фајзер“  јас се вакцинирав. Ја примив првата доза доброволно, по претходно уредно пополнето барање за вакцинација. После вакцината се чувствував одлично, самото аплицирање на вакцината е безболно, а по неколку часа чувствував само блага болка, но после ден-два исчезна. Го дочекав тој момент да конечно после сите искушенија, работа со ковид пациенти конечно да се вакцинирам, за мене ”мал убод, но многу надеж”. Колку и да е разбирливо нетрпението на многу граѓани, вакцинацијата може да ја исполни својата цел само ако луѓето не ги повлече лекомисленост, затоа што конечно гледаат светлост на крајот од тунелот“, вели д-р Ристовски.

По првата доза вакцина, следува и втората која треба да ја прими по 21 ден од првата, по која се очекува посилна реакција.

„Втората доза ќе ја примаме по три недели од првата доза, односно 21 ден по примената прва доза. Таа е така наречена „болус доза“. По оваа доза се очекува посилна реакција, но ќе видиме, времето ќе покаже. Ние, здравствените работници како стожер на здравствениот систем треба да покажеме пред целата јавност дека вакцинацијата и придружувањето кон мерките за заштита е единствена можност за излез од оваа пандемија. Сепак треба да истакнам дека вакцинираните против коронавирусот не треба да уживаат посебни права, бидејки привилегиите за вакцинираните би довеле до нови поделби во општеството“, раскажа Д-р Владимир Ристовски за ММС.


Во моментов во нашата држава бројката на ново заразени со Ковид 19 расте, а со тоа и хоспитализациите во ковид центрите. Д-р Ристовски вели дека борбата е секојдневие на здравстевните работници од првата линија на корона фронтот, борба за живот и борба за болнички кревет во ковид центарот во ГОБ „8 ми Септември“. Зголемените хоспитализации, значат и дополнително оптоварување и пристисок врз лекарите.

„Очигледно третиот бран веќе започна, зголемени бројки на новозаболени, британскиот сој на вирусот доминира, зголемен број на пациенти кои што бараат лекарска помош, зголемен број на хоспитализации, се поголем број на пациенти со потешка клиничка слика. Се бара место повеќе. Во нашата болница, притисокот освен од Скопје, е дополнет и од другите болници од внатрешноста, медицинскиот персонал со последни сили се бори. Колегите од интерно, главни двигатели против ковид пандемијата во нашата болница, се исцрпени, без ден ротација и со дежурства на 3 или 4 дена веќе една година по ред. Одговорноста кај  населението се намалува, мерките не се почитуваат, убавото пролетно време придонесе да излезат од зимскиот сон, преполни ресторани и кафе барови, луѓето некако ја заборавија пандемијата излегуваат незаштитени, заборавајки на основните мерки за заштита“, изјави д-р Ристовски.

Паралелно со ковид центарот, во ГОБ „8 ми Септември“ секојдневно се примаат пациенти и со други дијагнози и за кои се потребни итни интервенции. Двете кардиолошки амбуланти се и беа во функција цел изминат период. Д-р Ристовски советува дека стравот од зараза не треба да биде причина да се одбегнуваат редовните лекарски прегледи.

„Секојдневно во нашата болница работат две кардиолошки амбуланти каде што се прифаќаат  пациентите за кардиолошки прегледи и контроли, еходијагностиката исто така непречено функционира, се прифаќаат и елективни пациенти за коронарографија, но со помал интензитет со оглед на тоа што докторите дополнително се ангажирани во третманот и лекувањето на најтешко болните пациенти од Ковид19 во нашата држава. Правиме напори да им овозможиме и обезбедиме на сите пациенти беспрекорна кардиолошка услуга. Стравот од зараза не треба да биде причина да се одбегнуваат редовните лекарски прегледи и контроли. Од самиот почеток на пандемијата ги третираме сите пациенти со било која акутна кардиолошка состојба, кои што се позитивни или суспектни на Ковид 19. До ден денешен третирани  се стотици пациенти“, вели Д-р Владимир Ристовски.

Луѓето кои обично прележале потешка форма на Ковид 19, може да страдаат и од последици. Обично, вели д-р Ристовски,  возасната граница кај кои најчесто се појавува варира, популацијата е различна од 25 до 85 годишна возраст.

„Термините „Long Covid“ ( пролонгиран/долг КОВИД ), „Хроничен Ковид”, „Пост КОВИД синдром” се уште не се признаени како официјалнии медицински термини. Овие термини се користат за да се опише состојбата на луѓето кои  што имаат пролонгирани симптоми на вирусот подолго од временскиот период кој според СЗО е предвиден за да едно лице се зарази и да ја прележи болеста, односно две недели. Пациентите со пост ковид синдром, откако ќе го прележат вирусот, покрај кашлица, треска, губење на вкус и мирис, може да чувствуваат замор, отежнато дишење и гушење , болки во мускулите и зглобовите, недостаток на памтење, па дури и депресијата. Овие пациенти иако имаат долгорочни симптоми сепак не се сметаат за заразни“, вели д-р Ристовски.


„Најчести сериозни компликации кој што се јавуваат кај овие пациенти особено кај пациентите кој што поминале со посериозна клиничка слика на болеста се белодробната тромбемболија,  миокарден инфаркт , акутната тромбоза на  екстремитетите, воспаление на срцевиот мускул- миокардитис, како и белодробната фиброза односно замена на нормалениот паренхим на белите дробови со сврзно ткиво. Популацијата е на различна возрасна група од 25 до 85 години “, објасни д-р Ристовски.

Тој вели дека оние пациенти кои се во ризичната група со бројни коморбидитети воопшто не треба да се колебаат дали да се вакцинираат, лажните вести и завери за вакцините, додава тој,  треба да запрат и треба да се произнесат факти за придобивките од вакцинацијата.

„Пред било што да кажам, треба да напоменам дека вакцинирањето е доброволно. Секој заинтересиран граѓанин кој сака да прими вакцина против коронавирусот може да се пријави на веб-страницата  објавена од Министерството за Здравство. Освен по електронски пат, пријавувањето за вакцини  се врши и преку матичните лекари. Пациентите особено оние кој се во ризичната  група  со бројни коморбидитети воопшто не треба да се колебаат дали да се вакцинираат, вакцините се комплетно  безбедни, развиени на сигурни платформи, само со успешно и што помасовно вакцинирање можеме да излеземе како победници од оваа пандемија. Постојат голем број студии , а тоа го гледаме и во одредени  земји кои што вакцинираа голем дел од населението како што е Израел , каде што вакцината го спречи ширењето на вирусот Sars-Cov-2  кај асимптоматски случаи за 89.4 проценти и кај симптоматските случаи за 93.7 проценти. Ширењето на лажни вести треба да се запре, треба да се разбијат митовите и теориите на заговор, треба да се изнесат факти за придобивките од вакцинацијата, дека штитат од смрт и од тешка форма на болеста и треба да се изнесе фактот дека после вакцинирање „дефинитивно  интернетот нема да биде побрз”“, вели д-р Ристовски.

Тој вели светот е изложен на голем предизвик за производство и дистрибуција на вакцините и се надева дека конечно во нашата држава ќе почне масовната имунизација на населението.

Габи Додевска