Во светот сè повеќе жени на чело на држави, влади и нa меѓународни организации – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/21 5:49 PM

Во светот сè повеќе жени на чело на држави, влади и нa меѓународни организации

Во последните неколку години значајно е зголемен бројот на жените кои се избрани за лидерки на земјите низ светот или се назначени на водечки позиции во меѓународните организации, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Податоците на „Статиста“, компанија која ги спроведува статистичките истражувања, а чие седиште е во Германија, покажуваат дека од 1960 до 2021 година на чело на 58 земји биле жени. Во последните 50 години повеќе од една жена била на чело на 13 земји.

Нов Зеланд и Финска се земји со најмногу лидерки во периодот од 1960 до 2021 година. Од друга страна, во 119 земји жените не биле поставени на функцијата лидерки.

– Лидерки со најдолг стаж –

Шест жени низ светот се лидерки подолго од десет години. Најдолг стаж на таа позиција има премиерката на Бангладеш, Шеикх Хасина Вазед, која на должност е речиси 17 години.

По Хасина следува Индира Ганди, прва и единствена премиерка на Индија, која на функцијата помина вкупно 16 години.

Меѓу лидерките со најдолг стаж е и германската канцеларка Ангела Меркел, која должноста ја извршува 15 години.

Поранешната премиерка на Доминика, Еугенија Чарлс, на функцијата беше 15 години, а поранешната претседателка на Либерија, Елен Џонсон Сирлиф, со освојувањето на довербата на гласачите неколку пати последователно, со земјата управуваше 12 години.

Бројот на жени на чело на своите земји во последните 12 години е значително зголемен.

И покрај тоа зголемување, бројот на жените на позицијата лидерки во текот на една година не надмина 19. Со тоа жените сочинуваат помалку од 10 отсто од бројот на лидери во светот.

Податоците на Кабинетот на генералниот секретар на ОН, објавени на 21 декември 2020 година, покажуваат дека стапката на министерки е околу 21 отсто, додека во 14 земји стапката на членки во кабинетот е над 50 отсто.

Покрај тоа, стапката на пратенички во парламентите во 2020 година изнесуваше околу 25 отсто.

Руанда е земја со најмногу пратенички во Парламентот, 61 отсто, следуваат Куба и Боливија со 53 отсто, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) со околу 50 отсто.

Во девет европски земји, пет земји на Латинска Америка и Карибите, четири на Африка и една во азиско-пацифичкиот регион, жените сочинуваат повеќе од 40 отсто од членовите на парламентот.

Таа бројка е најниска во островските земји на Пацификот, каде што е помала од шест отсто.

Во последните четири години значително е зголемен бројот на жените што се именувани за челнички на меѓународните организации, поголемиот дел при ОН.

Кога на функцијата генерален секретар на ОН во јануари 2017 година беше избран Антонио Гутереш, тој вети дека ќе работи за рамноправност на половите во институциите на ОН. Со посебен напор што го вложи тој самиот, бројот на жените на челните функции на организациите значително е зголемен.

Податоците на Меѓународниот центар за соработка (CIC) при Универзитетот „Њујорк“ (NYU) во врска со именувањата на челните позиции во ОН, покажуваат дека бројот на жените прв пат во 2017 година надминал 50 отсто.

Во 2020 година, 20 жени се именувани на челни функции на организациите.

Податоците на организацијата „Трејд експеретес“ (Trade Experettes) за бројот на вработените во меѓународните организации, покажуваат дека на чело на 30 големи меѓународни организации се поставени 33 жени, од вкупно 291 лице на висока позиција.

Од друга страна, во 14 од 30 големи организации, жена ниту еднаш не била на функцијата челничка.

Нгози Окоњо Ивеала на 1 март 2021 година беше именувана за генерална директорка на Светската трговска организација (WTO). Таа е прва жена и прва Африканка на таа позиција. Ивеала на таа функција би требало да остане до 31 август 2025 година.

Нигеријката два пати беше на функција во Министерството за финансии, пократок период во Министерството за надворешни работи и беше извршна директорка за операции при Светската банка. Пред именувањето на чело на Светската трговска организација (WTO) беше една од клучните луѓе во Глобалната алијанса за вакцини (GAVI).

– Челнички на меѓународните организации –

Французинката Кристин Лагард на 1 ноември 2019 беше именувана за челничка на Европската централна банка (ECB).

Лагард е прва жена на чело на Банката основана во 1998 година. Пред да биде именувана на таа функција, од 2007 до 2011 година беше министерка за економија, а од 2011 до 2019 година го водеше Меѓународниот монетарен фонд. Лагард воедно е и прва челничка на ММФ.

Истражувањето на Официјалниот форум на монетарни и финансиски институции (OMFIF), спроведено во март 2020 година, покажува дека водечките функции во 173 централни банки низ светот ги извршуваат само 14 жени.

Кристалина Ѓорѓиева, со потекло од Бугарија, на 25 септември 2019 година беше именувана за претседателка на Меѓународниот монетарен фонд (MMF). По Лагард, Ѓорѓиева е втора жена на таа функција.

Пред да стапи на должност во ММФ, Ѓорѓиева беше на истакнати позиции во Европската комисија (до 2016 година) и во Светската банка (од 2017 до 2019 година).

Одри Азулеј на 10 ноември 2017 година е поставена за генерална директорка на Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО). Азулеј, по Ирина Бокова, која ја извршуваше должноста од 2009 до 2017 година, стана втора жена на таа функција.

Жените во УНЕСКО, која е една од најистакнатите организации во светот, предводат речиси 12 години.

Германката Урсула фон дер Лејен на 1 декември 2019 година беше именувана за претседателка на Европската комисија. Исто така стана прва жена на чело на Комисијата, една од најважните институции на Европската Унија (ЕУ).

Претходно ја извршуваше должноста министерка за одбрана на Германија.

Вини Бјанјима, со потекло од Уганда, во август 2019 година е именувана за извршна директорка на Агенцијата за борба против СИДА на ОН (UNAIDS).

Бјанјима стана прва жена на чело на Агенцијата основана во 1995 година.