„Ол-стар“: Kaри е неприкосновен „тројкаш“, Симонс сакаше да се бакне со таблата, тимот на Леброн ја однесе победата – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/21 4:24 PM

„Ол-стар“: Kaри е неприкосновен „тројкаш“, Симонс сакаше да се бакне со таблата, тимот на Леброн ја однесе победата

„Ол-стар“ скратениот викенд во Атланта не разочара. Далеку од тоа. Проследен со низа контроверзи, негодувања од страна на кошаркарите за одржувањето на истиот во време на пандемија, откажувања од натпреварувањата на големите ѕвезди, кога сè ќе се собере и одземе претходната вечер ги исполни во голема мера сите очекувања.

Вообичаено, на програмата прво се појавија „највештите“ помеѓу НБА кошаркарите. Таму и двајца играчи од екс-ју просторите и уште еден Европеец, победник на овогодинешното натпреварување. Лука Дончиќ по малку и незаинтересирано пристапи кон Skills Challenge дуелот и загуби од Литванецот, Домантас Сабонис, кој подоцна и го освои трофејот. Изненадувањето во борбата за приматот „највешт“ со сигурност претставуваше црногорскиот центар на Орландо Меџик, Никола Вучевиќ. Тој мораше до финалето и преку Крис Пол кој и овојпат како и пред десеттина години го промаши полагањето и му овозможи на Вучевиќ неочекувано лесен пласман во финале.

Во финалето судир на двајца центри. Ваквиот развој на настаните е поприлично индикативен, покажувајќи дека денес центрите можат да играат буквално сè и дека позицијата центар, особено во НБА лигата е редефинирана.

 

Синот на легендарниот Арвидас Сабонис го понесе признанието и успеа да погоди побрзо од противникот шут за три поени пред финалниот предизвик.

 

Натпреварувањето за три поени дефинитивно го „украде“ шоуто. Стеф Кари, Мајк Конли, Донован Мичел и двоецот на Бостон, Татум-Браун, ја забавуваа публиката и го украдоа здивот на сите пред малите екрани.

Кошаркарот на Голден Стејт Вориорс по којзнае кој пат ја манифестираше својата неверојатна и досега невидена шутерска способност, наметнувајќи се на листата „најдобри шутери за три поени во историјата на играта“. Нека простат Реј Ален, Реџи Милер, Лери Брд, па и Дражен Петровиќ, но Стеф Кари е број еден. Во финалето неочекувано се најдоа Џејсон Татум и искусниот Мајк Конли, кому „една топка“ му недостасуваше за изненадување и поразување на плејмејкерот на некогашните шампиони. Кари уште во првата рунда уфрли 31 топка во кошот, додека пак во финалната рунда уфрли 28, една повеќе од Мајк Конли. Татум се „олади“ и разочара со само 17 уфрлени топки. Драма, возбуда и последниот шут што реши сè. А кому би сакал да оставиш со последен шут да „реши“ натпревар? Тоа го знаеја и Мајк Конли и неговиот соиграч Донован Мичел.

На седмиот настап на „брзото шутирање на три поени“, Кари само вторпат го освојува индивидуалниот трофеј. Вториот пат, веруваме дека ќе се памети долго време.

 

Кари признанието го подели со неговиот партнер Клеј Томпсон, кој во моментов се лечи од повредата што го оддалечи од терените на една година.

 

Фризерот кој имал контакт со заразен од Ковид-19, а ги потстрижувал Џоел Ембид и Бен Симонс во пресрет на „Ол Стар“ мечот, причина е за намалената атрактивност и квалитет на синоќешното натпреварување во забивање. Двојката на Сиксерси го откажа учеството, па притисокот се создаде врз младите кошаркари на Портланд, Њу Јорк и Индијана.

Воведното појавување на Касиус Стенли, Oби Топин и Анферни Симонс всушност беше и повеќе од коректно. Младите момци на почетокот покажаа солидни способности и после двете забивања го трасираа патот за финалето. Таму Оби Топин и Анферни Симонс, како да беа „изедени“ од притисокот. Идејата за забивање беше на место, но реализацијата го расипа впечатокот. По неколкуте неуспешни обиди, Симонс „закуца“ и малку му недостасуваше да го бакне обрачот. Сепак судиите предводени од Доминик Вилкинс донесоа одлука – Анферни Симонс е најдобриот забивач на „Ол-стар“ натпреварувањето во 2021 година.

Со публика или без, со разочарани кошаркари или не, со резервираност и внимателност поради потенцијални повреди, со или без капитенот на вториот тим, Кевин Дурант, ревијалниот главен меч на екипите на Леброн Џејмс и Кевин Дурант беше спектакуларен. Победата и овојпат му припадна на Леброн Џејмс и неговиот фантастичен балканизиран тим (170:150). Со скромниот придонес на Лука Дончиќ и Никола Јокиќ, но на крилјата на легитимниот кандидат за МВП сезонава, Јанис Адетокумпо, „жолтите“ летаа по теренот исполнувајќи го таргетот од 170 поени полесно одошто на видео-игра.

Гркот со 35 поени и неверојатен 16/16 учинок од игра го контролираше дуелот, а на скорерската листа после него се најдоа и Демиен Лилард со 32 и Стеф Кари со 28 поени. „Клач“ ликовите Стеф и Дем иако играа во иста екипа, поставуваа предизвици еден на друг. Кари постигнуваше тројки од центарот, Лилард го повторуваше истото. И обратно.

Капитенот Леброн помина 13 минути на паркетот и забележа четири поени. Јокиќ и Дончиќ се запишаа во листата на стрелците со шест односно осум поени.

Во Дурантовиот тим, Бредли Бил постигна 26 поени, Кајри Ирвинг 24, Џејмс Харден и Џејсон Татум по 21. Никола Вучевиќ на свое конто додаде пет поени и седум скокови.

https://www.youtube.com/watch?v=v0Fi_nkUH_4&feature=emb_title

„Ол-старот“ изобилуваше со фантастични потези, голема дружба помеѓу ѕвездите и исклучителна забава. „Атланта“, испитот е положен, со висока оценка. Довидување до следната, надежно пост-пандемиска кошаркарска година.

 

 

 

 

Фото:

nba.com

Twitter / @BleacherReport

Тwitter