Сите општини заедно, годишно наплатуваат по 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/21 1:52 PM

Сите општини заедно, годишно наплатуваат по 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите.

Сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент. Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, најмали Општина Арачиново.

Значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70 %, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85 %, а кај фирмите се наплатува по 78 % од пресметаниот данок, вели истражувањето на  Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) , објавено денеска. ЦГК  изработи и база на податоци на пресметан и наплатен данок за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година.

Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5 %, во следната 2019 порастот бил само 2,5 %.

Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија.

Само десетте градски скопски општини прибираат половина од цел данок на имот што се прибира на ниво на држава. Најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион.

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.