Неколку години наназад се полемизира за тоа кога Златибор престана да биде синоним за планина и чист воздух, односно за тоа кога стана синоним за големи згради, вложувања во хотели, бетон и квадрати.
Иако градежната офанзива во секој туристички центар е разбирлива со оглед на се поголемиот број на туристи и купувачи на апартмани, на оние што ја ценат природата не им е јасно до каде може да оди таа граница.
Најдобар пример за грдата слика која ја остава бетонот е Титовата вила која сега наместо со зеленило е опкружена со хотелски објекти кои никнуваат како печурки.
Поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито престојувал само еднаш во оваа вила во 1974 година, но таа е заштитена како културно добро и има симболично значење за жителите на планинскиот град кои биле навикнати секојдневно да гледаат во пасиштата и да дишат чист воздух.
“Ја барате Титовата Вила? Па не можете да ја најдете затоа што е заобиколена од згради. Одете низ градежново земјиште, преку него ќе стигнете до неа. Ама тоа не е повеќе за гледање. Вилата се распаѓа додека околу неа се градат апартмани. Ова не е повеќе планина, оној стариот Златибор го загуби духот“, рече за ММС една постара двојка староседелци од Златибор додека ни помагаше да го најдеме единственото културно наследство од времето на СФРЈ и Тито.
Објектот на оваа вила денес е дел од туристичкиот комплекс “Титова Вила Златибор“, а земјиштето на кое се наоѓа вилата било платено дури три милиони евра. Инвестицијата на комплексот чини 15 милиони евра, а го гради бившиот НБА-кошаркар од Црна Гора, Никола Пековиќ кој со години вложува во недвижнини во Златибор.
Тој планирал да ја реновира вилата и да ја претвори во музеј. Вилата некогаш му припаѓала на белградскиот адвокат Александар Павловиќ, но државата ја одзела после Втората светска војна и ја претворила во претседателски комплекс. Наводно, Тито никогаш не преспал во неа, туку само еднаш бил на ручек во дворот на истата.
Во постапка на реститутција вилата му е вратена на адвокатот кој ја продал на фирмата на Пековиќ, а екскошаркарот на Партизан сега покрај неа гради апартмани. Очигледно кошаркарот има мерак за историски објекти затоа што во 2016 година ја купил и вилата на Слободан Милошевиќ на Дедиње, наводно за два милиони евра колку што барала покојната Мира Марковиќ.
Орце Костов
фото: Орце Костов/ Zlatibor.org.rs