Ги има на терен, но, не и на ТВ, за жените во спортот се известува ретко – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/21 11:13 AM

Ги има на терен, но, не и на ТВ, за жените во спортот се известува ретко

Дваесет спроти осумдесет е процентуалната застапеност на медиумски содржини што опфаќаат спортски натпреварувања во женски категории кај нас, покажува анализата на МИА, која опфати неколку федерации, телевизии и спортски веб-портали. Ги има на терен, но не и на телевизија, за нив може да се слушне малку, и тоа најчесто само на спортските веб-портали. Изворите велат, за публика треба успех, а законот е тој, принципот на правичност во медиумите е секому подеднакво да му се даде шанса да биде презентиран во јавната сфера.

Макотрпни тренинзи во незадоволителни услови, малку финансии и уште помалку поддршка. Со ваков предизвик се соочуваат спортистките од нашето поднебје, решени да се изборат за својот сон. Пожртвувана работа, континуитет и посветеност, а згора на сѐ, скудна медиумска покриеност.

МИА дојде до информации од три федерации од најголемите тимски спортови кај нас, од кои доби одговор дека во женските категории до телевизиите доспеваат само некои репрезентативни натпреварувања, и тоа се случува ретко.

Од Кошаркарска федерација на Македонија велат дека се трудат да ги информираат медиумите и не се воопшто задоволни од фидбекот кој го добиваат од истите.

– Воопшто не се третирани, дури не се објавуваат ниту оние резултати од натпреварите. Не сме задоволни, тоа е генерална оцена за моменталниот статус кој го ужива женскиот сегмент од кошарката, велат од КФСМ.

Оттаму дополнуваат дека ако гледаме од спортски аспект, не е толку атрактивно, меѓутоа, ако зборуваме на сѐ повеќе нагласената родова застапеност, не само кај нас, туку во европски и светски рамки, се надеваме дека барем ќе го покачиме тој процент да биде задоволителен, односно да биде повеќе од 50 проценти застапеност и на женскиот сегмент.

Од Фудбалската федерација на Македонија велат дека покриеноста е задоволувачка единствено за натпреварите на А репрезентацијата на Македонија, и тоа се однесува само на спортските веб-портали.

– Телевизиите и печатените изданија на весниците речиси и да не го третираат женскиот фудбал. Исклучоци постојат, односно, медиумски се покриваат активностите на репрезентацијата и на останатите веб портали, единствено кога репрезентацијата ќе постигне позитивен резултат или ќе доживее непријатен пораз, велат од ФФМ.

Недоволната покриеност, како што велат од ФФМ, веројатно се должи на перцепцијата која постои за женскиот фудбал, а исто така, важна улога има и квалитетот на натпреварите.

Од Ракометна федерација на Македонија се задоволни од покриеноста, меѓутоа, тоа повторно се однесува само на спортските веб-портали.

– Задоволни сме од покриеноста бидејќи сите овие натпревари кои што се играат во женските категории, медиумите, по завршувањето на истите, ги објавуваат на своите веб-портали, како што се Гол.мк, 24 Ракомет, Екипа, велат од РФМ.

Во однос на процентуалната застапеност, како и искуствата од продуцирањето на медиумски содржини кои опфаќаат жени и спорт, МИА се обрати и до телевизиите. На истиот сооднос наидовме и тука.

Горан Стерјов од Македонската Радио Телевизија, вели дека женските категории најчесто се застапени преку информативни прилози и резултати во домашните првенства, најчесто во екипните спортови. За покриеноста вели дека е мала, најмногу поради малата заинтересираност на гледачите

Искуствата на Телевизија Алфа со МИА ги сподели новинарот Перо Момировски кој без дилема, посочи дека женските категории се недоволно застапени во нашите медиуми.

– Женските категории со сите сегменти без дилема се недоволно застапени или покриени во нашите медиуми. Но, причината не е во некаков анимозитет или некаква (родова) определба на медиумите, редакциите или новинарите, туку, во очајниот квалитет на тој дел од областа спорт кај нас. Впрочем, кога има резултати и настани тие, секако, се на врвот на дневната информациска агенда иако, за жал, тоа стана раритетно, сподели Момировски.

Порталите издвојуваат повеќе содржини за жените во спортот, но, и тие, истите најчесто ги темелат на успех

Оттаму заклучуваат дека квалитетот и успесите се тие кои диктираат што се пишува во спортските медиуми.

Секому подеднакво да му се даде шанса да биде презентиран во јавната сфера

Со Александра Теменугова, од Институтот за комуникациски студии, во насока на оваа тема, разговаравме околу основните функции на медиумот како средство за масовно информирање, при што таа нѐ потсети дека тоа се информативна, едукативна и рекреативна функција.

–Медиумското известување, за жал, не ја рефлектира реалната родова  структура во земјава. Кога станува збор за спорот, едноставно е јасно, не треба некои посебни истражувања да се прават, меѓутоа, првата слика, за жал е дека доминираат мажите. Доволно е само да ги погледнеме вестите за номинација на спортисти на годината за да видиме дали доминираат мажите или жените во спортот,  вели Теменугова.

Таа посочи дека ова прашање не е само во Македонија, и препорача дека треба да почне да се спроведува она што е напишано на хартија.

– Ако улогата на медиумот е соодветно да ја пренесува објективноста, случувањата, по сите основи, тоа треба да се рефлектира и во спортот, не е никаков исклучок. Не треба да се прави разлика без разлика дали е политика, култура, емисија од информативен карактер. Тука е клучот и новинарите треба повторно да се вратат на лекцијата број еден во новинарските школи, дека, треба да информираат за секого подеднакво, заклучи Теменугова.

Дополни дека е трагично, што сто години по 1920 година, кога на жените за прв пат им било дозволено да возат велосипед, што е еден од симболите на еманципација на жената, особено во спортот, ние, во услови на високо развиена цивилизација, сѐ уште дискутираме за теми кои биле важечки од пред еден век.

Асиметричното прикажување во медиумите ги засилува родовите стереотипи

–  Наједноставно искуство за медиумската застапеност на женските натпреварување се весникот и вестите. Ако купиме еден спортски весник веднаш можеме да го видиме процентот на медумската застапеност меѓу машки и женски натпреварувања. Ако весникот има 20 страници, минимум 18 страници се за машки натпреварувања. Слична е и ситуацијата со спортските вести. Додека, интернет порталите мислиме дека даваат поголема медиумска кампања за женските спортски натпреварувања, посочуваат оттаму.

Дополнуваат дека медиумите треба да дадат поголем простор и да ги промовираат натпреварувањата во женските категории.

фото: КФСМ, ФФМ, приватен профил на Facebook