Додека овците си пасат, јас си правам селфи – Снежана Танева од Мрзенци е доказ дека жените ги бидува за се’ – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/21 7:00 PM

Додека овците си пасат, јас си правам селфи – Снежана Танева од Мрзенци е доказ дека жените ги бидува за се’

Работниот ден на четириесет и едногодишната гевгеличанка, Снежана Танева и’ почнува на изгрејсонце, а завршува кога сонцето ќе зајде. Таа работи надвор на секакви временски прилики и неприлики.  Сепак, кога работата го бара тоа од неа, со леснотија се претвора во деловна жена, па луѓето се сомневаат во вистинитоста на нејзините зборови кога ќе каже со што се занимава. Снежана веќе две децении заработува за живот од овчарството. Пораснала на фарма. Одгледувањето овци е она што најдобро го знае и умее, а добро и’ се познати и нејзините права, па си ги бара од институциите. Таа ги руши стереотипите и својата инспиративна приказна ја раскажува за Македонски медиа сервис, на денот кога ширум светот се слави женскиот борбен дух.

-Работам во селото Мрзенци, каде и пораснав, а живеам во Гевгелија. Денот ми почнува околу 5 и 30 часот со молзење на овците. Така ми почнува секој ден. Сега поради пандемијата децата ми се дома и наставата ја следат преку компјутер, но пред да се појави коронавирусот ги носев на училиште, па пак се враќав во селото. Ми се случувало во еден ден да патувам по четири или пет пати. Животот е тежок, организацијата е особено тешка кога сте со мали деца, но мора да се ориентирате според условите – ја почнува Снежана својата приказна. Таа била најмалото дете во фамилијата, а со своите брат и сестра пораснале со животинки на татковата фарма.

Сакала да биде физиотерапевт, но судбината скроила друг план за неа.

-Кога со имотот раководеше татко ми, тој сакаше јас да го наследам, иако според некое непишано правило машките деца го наследуваат имотот  или земјоделското стопанство. Кај нас не беше така, бидејќи брат ми имаше некои здравствени проблеми, а сестра ми си одбра друга професија, па јас ја презедов работата. Значи желбата на татко ми се оствари, но не на начин на којшто тој замислуваше. Јас работев како козметичарка и ја оставив работата, веќе дваесетина години интензивно се занимавам со овчарство. Кога жена ќе се зафати со некоја работа, сметајте дека работата е завршена – вели Снежана за ММС.

Таа, брат и’ и сестра и’ пораснале на семејната фарма со околу 90 овци. Снежана се сеќава на некои подобри времиња од сега и вели, луѓето тогаш се „тепаа“ за волна, побарувачката беше огромна.

„Пораснавме со крави и овци, ги пасевме, си игравме со јагнињата. Кога ќе се родеше јагне тоа беше огромна радост за нас, во осумдесеттите години сточарот уживаше голема почит. Денес иако произведуваш не е така“, смета Снежана. Таа и нејзиниот брат одлучиле да ја интензивираат работата па имаат 150 овци, но како што вели, условите за работа се застарени.

-Не можам да регистрирам фирма, имам монтажно трло. Постојано ми излегува некаква сопка. Не сме ни напред, ни назад, тапкаме во место. Цените се ниски, а државата нема никаква допирна точка со модернизација. Во другите држави условите се многу помодерни, а ние едвај ги покриваме трошоците – споделува Снежана.

Ја прашавме и како и’ поминува времето додека овците пасат.

„Секако имаме имаме телефон и интернет, па кога се животните на пасиште јас сум со нив, но не сум зафатена. Тие си пасат, јас ги набљудувам и тоа ми е слободно време. Си правам селфи, можам да се слушнам со секој“, додава нашата соговорничка.

Бидејќи таа сонува за помодерни услови, ја прашавме и како е тоа регулирано во државите каде сточарството е поразвиено.

-Оваа работа во модерните држави е дигитализирана, се користат и дронови, па животните ги следите на друг начин. Видете каде е светот, а каде сме ние. Со такви услови наместо да работиш по 12 часа, ќе работиш по пет. Инаку јас и брат ми го пасиме стадото долж Повардарието на општонародни места, но пак немаме во државата соодветни пасишта. Проблем е што луѓето се’ повеќе ја загадуваат животната околина, создаваат мини депонии и тоа ги отежнува нашите услови за работа – додава Снежана.

Таа објаснува дека нивното стадо е во штала од плех со настрешница во која нема струја. Едвај обезбедиле вода, но легализацијата се уште им е недостижна, а тоа пак, ги спречува да аплицираат за ИПАРД фондовите. Доколку дојде до легализацијa, ќе има право и на обештетување во случај на некаква незгода. Засега имаат право на субвенции, но таквата финансиска помош од државата доаѓа без решение,  а штом го нема, тогаш нема ни право на желба.

Сепак, Снежана си ја сака својата работа бидејќи според неа, колку и’ даваш на овцата таа двојно ќе ти врати.

„Многу е полесно да функционираш меѓу овци отколку  меѓу  луѓе. Овците не озборувааат, а луѓето  кажуваат лоши зборови, ти прават ујдурми“, искрена е Снежана па додава дека во таков дух ги воспитуваат и децата во семејството.

Нејзините две ќерки кои се на возраст од 9 и 12 години, но и синот на нејзиниот брат, постојано сакаат да се опкружени со животните.

Таа вели дека им дава некои полесни задачи на кои тие гледаат како на детска игра, па знаат да ја растураат сламата, да ги молзат овците или ако јагнето не може да цица да му даваат млеко од шише.

Снежана вели дека е единствена жена со стока на нејзино име во гевгелискиот регион и за разлика од многу сточари, таа си ги знае своите права.

„Сточарите аплицираат, па потоа не знаат на што се потпишуваат. Јас влегов во Националната федерација на фармери која навистина направи многу, но институциите треба да се залагаат повеќе. Пред избори постојано нешто се ветува, а потоа никој ништо не сака да стори“, додава таа.

Бидејќи во нејзината професија мажите се многу побројни од жените, ја прашавме дали се соочува со некакви родови стереотипи. Смешкајќи се вели дека отсекогаш сакала да биде дотерана, па таа желба си ја остварува кога оди на состаноци во Федерацијата, на семинари, или кога завршува некои административни обврски.

„Искрено да си кажам, отсекогаш сакав да бидам скоцкана жена, но работата мене тоа не ми го дозволува. Работиш на секакви услови, ако врне мора да облечеш кабаница или да земеш чадор. Понекогаш те пече сонце по цел ден, па може да дојде и до повреда бидејќи работата е физичка. Добрата страна на оваа работа е тоа што од големата физичка активност телото не ти застарува. Јас сум многу активна, цело време сум во трчање – работам, кревам, товарам…Си имам секојдневна теретана дома хахаха, но не теретана во буквална смисла со справи, туку со кревање бали, мелење брашно, молзење и така натаму“, искрена е нашата соговорничка.

Таа признава дека порано и’ било срам да каже што работи, но со текот на времето почнала многу повеќе да се почитува самата себеси.

Кога видов дека луѓето ги отпуштаат од работа, а сточарството е посигурно почнав повеќе да си се ценам самата себе. Овците не ти прават штета, од нив нема зијан – истакнува Снежана, според која секоја жена треба да е храбра и да не се срами.

И да паднеш во кал метафорички кажано, не треба да преташ. Стани, исправи се, а на падовите возврати со насмевка – е мотото под кое се води оваа жена на која не и’ веруваат дека работи со овци кога ќе отиде на состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Понекогаш луѓето ми велат дека само се сликам со овците, но потоа ќе поверуваат“, посочува таа.

-Мислам дека секоја жена треба да си ја заврши работата, но нека биде свесна дека треба да се среди, да се дружи, да си приушти социјални активности – ни изјави гевгеличанката, која ужива во времето кое го минува во друштво на своите пријателки.

-Си имам круг на луѓе со кои се дружам, си споделуваме мислења, одиме на кафе. Кога ми беа децата помали потешко се организирав. Сега тоа е полесно, па си се дружам со позитивни луѓе бидејќи тоа ми го одржува здравјето. Насмевката е пола живот – уверена е Танева, која била дел од низа студиски патувања и семинари.

Смета дека тоа носи многу придобивки, ти отвора нови хоризонти, а како резултат на тоа таа се вмрежила со многу жени чии ставови само и’ потврдиле дека ниту една жена не треба да се потценува, односно да знае дека е вредна на свој начин.

Ја прашавме какво е нејзиното генерално мислење за руралните жени, на што гордо одговара: „Ние сме бренд на државата, ние произведуваме храна, сега во време на пандемија сите ги одржуваме“.

„Макотрпна е работата на руралните жени меѓутоа, таа смета дека е задкулисна. Има жени кои многу работат, но не се доволно поддржани, а треба да се поддржат затоа што тие нема да го злоупотребат тоа, туку ќе направат да има двојна придобивка“, истакнува Танева која во интервјуто за ММС зборува и за родовата еднаквост во семејствата.

„Мажот треба да ја согледа способноста на жената, мислам дека тоа малку е застапено. Во бракот треба да постојат еднакви права. Еве јас на пример, се омажив за машински инженер, но тој откако се зедовме научи многу нови работи. Немаше трактор видено во животот, а сега знае да ора. Тоа му дојде како предизвик и затоа ми помага“, додава нашата соговорничка чиј сопруг извесно време работи надвор од државата. На прашањето дали кога би се отселиле со семејството повторно би го работела истото, таа одговара потврдно.

-Сакам да успеам во Македонија и да имам голема и модерна фарма, но тоа зависи од многу фактори, не само од мене. Ако живееме негде надвор пак истото би го работела, тоа ми е крвта. Во мојот живот нема „не можам“ туку „морам“, но ако не успее ова со легализацијата, има реални шанси работата да пропадне – констатира таа со жалење.

Со „не можам“ нема успех, пробај па ќе видиш. И да згрешиш не треба да се разочаруваш. Проблемот е што јас не би сакала да го оставам брат ми тука. Тој имаше пресврт во животот и со неговото разочарување јас созреав, не сакам да го оставам бидејќи работата го одржува во живот – посочува Танева.

Интересно е тоа што кога таа завршила средно образование се стекнала со титула хотелски техничар, но почнала да полага стручни испити за да може да земе диплома за медицинска сестра. До тоа ја делат уште два испита, па се надева дека оваа пролет ќе ја добие и ваквата диплома. Сестраноста на оваа жена оди дотаму што во целото турбулентно секојдневие, таа наоѓа време за да оди на пракса и во здравствениот сектор.

-Одев на пракса во Болницата во Гевгелија на Интерното одделение, па на Хирургија, но тогаш почна пандемијата. Сега сум во Негорци на Психијатрија и така всушност, сфатив колку млади луѓе се во депресија. Беспарицата ги прави луѓето психички растроени. Затоа децата уште од мали нозе треба да имаат некакви полесни обврски, бидејќи сите ние сме како роботи. Стануваш, се миеш, одиш на работа. Секој треба да се труди, се’ е до карактерот – споделува таа.

Во однос на Меѓународниот ден на жената, таа вели дека за нејзините права треба да се зборува постојано.

„Жената треба постојано да биде почитувана од својот сопруг, од децата, од пријателите, а и да најде време за себе“, порачува таа.

Животот е вреден. Не е розов и знае да биде непредвидлив, но наше е да го живееме, да бидеме разумни и храбри, да ги надминеме пречките – заклучува Снежана.

 

Вања Мицевска