Српски град забрани во еден стан да се чува повеќе од еден домашен миленик – ММС
ММС

Објавено на: 03/6/21 5:24 PM

Српски град забрани во еден стан да се чува повеќе од еден домашен миленик

И покрај бурните реакции во јавноста, по кои градоначалникот на Пожаревац, Саша Павловиќ, најави дека ќе ја преиспита одлуката, таа сепак стапи на сила откако е објавена денеска во општинскиот гласник. Здруженијата за заштита на животни реагираат жестоко, а се вжештиле и социјалните мрежи.

Пожаревац е прв и единствен град во Србија во кој се донесува одлука за ограничување на бројот на домашни миленици во еден стан, пресуваат српските медиуми.

Така, во еден стан во колективни станбени згради ќе може да се чува најмногу по еден домашен миленик и евентуално негов подмладок стар до три месеци. Сопствениците на кучиња на вратата од станот мора да стават натпис „Внимавај, куче“. Во лифт со миленикот ќе може да влезат само ако е празен, а животното со ремен. Ако,пак, се работи за семејна куќа со двор помал од пет ари, се дозволува чување на најмногу две кучиња или две мачки и подмладок до три месеци, а ако дворот е поголем од пет ари се дозволува држење по три животни од два вида. Во заедничка зграда со заеднички двор кучиња и мачки ќе може да се чуваат само ако има согласност од сите станари.