Папата Франциск во Ирак: Мораме да го зајакнеме нашето братство – ММС
ММС

Објавено на: 03/6/21 3:00 PM

Папата Франциск во Ирак: Мораме да го зајакнеме нашето братство

Мораме да го зајакнеме нашето братство. Ова е пораката на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, за време на неговата посета на античкиот град Ур, каде што престојува во рамките на неговата четиридневна посета на Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).

Папата Франциск по доаѓањето во градот Ур, за кој се верува дека е местото на раѓањето на божјиот пратеник Ибрахим, го дочекаа христијанските и муслиманските верници.

„Единството, заедништвото и верата почнаа од Ур. Ние сме внуци на Абрахам (Ибрахим). Мораме да се сакаме. Не би смееле да работиме одделно едни од други. Можеме заедно да ја обновиме оваа земја“, порача папата Франциск во обраќањето во градот Ур.

Осврнувајќи се и на терористичките напади во Ирак, папата Франциск јасно порача дека тероризмот ја користи верата.

„Ние не би смееле да допуштиме религијата да се користи како маска. Тероризмот го нападна и Ирак, кој е дел од историјата. Мораме да ги браниме различностите и слободата на верата и мислењето“, порача папата.

Повикувајќи на единство и солидарност, папата Франциск додаде: „Мораме да го зајакнеме нашето братство. Мирот не може да дојде ако не градиме мирен живот и не се поддржуваме едни со други.“

Осврнувајќи се на борбата против пандемијата на Ковид-19, папата порача дека во таа борба може да се победи со солидарност и придржувајќи се до правилата во чувањето дистанца.

По обраќањето на папата Франциск следуваше и заедничка молитва на муслиманските и христијанските верски службеници.

По посетата на античкиот град Ур, папата Франциск со хеликоптерот се упати кон Багдад, каде што ќе ја посети црквата „Свети Јосип“, со што ќе ја заврши посетата на главниот град на Ирак.

Папата утре патува во Ербил и Мосул.