Гоце Делчев пишувал писма на официјален бугарски јазик. Тогаш секој знаел да пишува бугарски, а тоа во Македонија е тајна. Никаде не е напишано, никаде не е дискутирано. Се поставува прашањето зошто тоа е скриено, изјави Љупчо Георгиевски на гостувањето на емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.
Според него решавањето на прашањето со Бугарија за јазикот се решава преку индиректни позиции и историјата помеѓу Бугарија и Македонија во 19 и 20 век не е така црна како што се претставува.
-Што е проблем да кажеме дека во времето на Османлиската империја, во сите македонски организации официјален јазик за користење бил бугарскиот. Тогаш секој знаел да пишува бугарски. Тоа е тајна во Македонија, никаде не е напишано, дискутирано. Тука е проблемот, ако го криеш, се поставува прашањето зошто го криеш. Арапскиот јазик е официјален во Турција до реформите на Ататурк. Турците тоа не го кријат денес. Треба да си признаеме, да биде еден вовед, замена за бугарската теза. До пред кодифицирање на македонскиот јазик, македонската интелигенција официјално го користи бугарскиот јазик. Отвораш еден документ на ВМРО, сите се напишани на официјален бугарски јазик. Значи сите тие, писмата на Гоце Делчев, независно, сите писма на Делчев се на официјален бугарски литературен јазик, изјави поранешниот премиер на државата.
Георгиевски вели дека во македонското образование овие историски факти се избегнуваат и не се наведени, со ретки исклучоци во некои стручни книги, но како генерално знаење тоа не постои.
-Јас не имплицирам ништо со тоа, а често слушам дека во тоа време немало избор и затоа се користел бугарскиот јазик. Тоа не е точно, избор постоел. Српски, грчки, турски и бугарски јазик можело да се избере, а Македонците го избрале бугарскиот како официјален во нивната комуникација, додаде Георгиевски.
Тој изразува надеж дека помеѓу двете земји ќе се пронајде заеднички момент.