Со антикорупцискиот План, Владата ветува спречување на корупција на актуелната власт, но и откривање и демонтирање на инсталациите на претходната – ММС
ММС

Објавено на: 03/6/21 8:12 AM

Со антикорупцискиот План, Владата ветува спречување на корупција на актуелната власт, но и откривање и демонтирање на инсталациите на претходната

Ред, правда и дисциплина, е насловот и пораката од Планот за борба против корупција кој Владата го најави со Акцијата 21 за воведување на европските стандарди во нашата држава. Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за борба против корупција Љупчо Николовски, најавија поставување функционален систем за институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата.

Планот, според Заев, е производ на политичката волја, со кој Владата ќе се избори за искоренување на корупцијата и дека за тоа се воспоставени механизми за соработка меѓу сите институции. Премиерот на прес-конференцијата во Владата на која го презентираа планот, повика да се охрабрат и граѓаните и медиумите да зборуваат јавно и гласно во борбата против корупцијата. Посочи дека Планот има за цел да спречува корупција на актуелната власт, но и да ги открива и демонтира коруптивните инсталации на режимското владеење пред нив.

-Овие инсталации се продрени до најситните пори на институциите. Тие го попречуваат функционирањето на системот, вклучувајќи го и правосудството. Тогашното режимско владеење на сегашната опозиција го трошеше парите на народот за да се богатат тие и партијата. Тие ја одгледуваат корупцијата, ја всадија и толерираа насекаде, за да им биде простено за нивните злодела. Епа, не им е простено, оти тоа не го правеле од незнаење или несвесно, туку смислено, намерно, злонамерно, нагласи Заев.

Според него дојдено е времето во целост да се демонтираат режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да се воздигнат службите кои чесно им служат на граѓаните.

-За ваквите злодела, против претходната криминална власт, денеска се водат судски постапки, некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие одговараат пред лицето на правдата, ние продолжуваме со демонтажа на нивните остатоци по системот. И нема да запреме додека не завршиме во целост со тоа. И да, секој од нас треба да е свесен, дека ако било кој помисли да го прави истото, треба да е спремен да се соочи со правдата – а правдата е тука, ете ја, секој ден по рочиштата и низ судниците. И додека тие се бореа да нема правда, ние, уште од првиот ден на првиот мандат почнавме со активна транспарентност. Тоа е антикорупциски лек за многу системски болести низ системот, истакна Заев.

Тој посочи дека Владата покажа одлучност за спречување неодговорно владеење и преку усвоениот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции, кој, според него, даде резултати веднаш и овозможи санкционирање на неетичко однесување на неколку функционери, а воедно испрати порака до сите останати, дека неетичкото однесување нема да остане неказнето.

Вицепремиерот Николовски информираше дека до сега над 300 именувани функционери го имаат потпишано Етичкиот кодекс и дека се исполнети препораките од ГРЕКО, односно дека има лице за интегритет и за судир на интереси, регистар за строга евиденција за примање подароци,…

-Го кренавме нивото на соработка меѓу сите надлежни антикорупциски владини институции, но и со независните тела. Обезбедивме нови простории за ДКСК, како и повисок буџет, обезбедивме и 49 милиони денари за потребниот Регистар за избрани и именувани лица, но и поврзување на Државната комисија за спречување на корупција  со останатите 17 институции од коишто треба да ги црпат релевантните информации. А паралелно редовно се постапува по сите доставени иницијативи до Владата од страна на ДКСК. Веќе е во функција новиот Национален регистар на вистински сопственици, кој обезбедува точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на фирмите, за да не ни се случат Панами и Белизиња повторно, нагласи вицепремиерот Николовски.

Веќе пет дена поминаа од рокот од 30 дена во кој Министерството за правда заедно со Јавното обвинителство се задолжени да направат анализа на потребните кадри, опрема, техника и простории, за истражните центри со цел да се зајакнат капацитетите на центрите, а со тоа и капацитетите на сите Јавните обвинителства. Според Владата, дигитализацијата и екипираноста на истражните центри ќе го забрза процесот на решавање предмети.

Со Планот се предвидува целосно дигитализирање на трите книги што ги води Управата за водење на матичните книги, граѓаните ќе можат електронски не само да аплицираат, туку на истиот начин и да ги добијат изводите.

Планот предвидува и подготовка на електронскиот софтвер за поврзување на сите 28 инспекциски служби со што ќе се намали субјективното и селективно влијание на инспекторот за време на инспекцијата, а човечкиот фактор да се сведе на минимум. Софтверот, според Николовски, ќе овозможи, електронска распределба на инспекциските надзори и следење на истите, електронско генерирање на записниците од извршените надзори на лице место додека трае инспекцискиот надзор, како и зајакната координација на инспекторите од различни институции.

Вицепремиерот информираше дека преку соодветни мерки ќе се актуелизира и примени конфискацијата на имот како системски механизам во борбата против корупцијата.

-За таа цел, во рок од три месеци МВР ќе подготви Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за 2021-2023. Паралелно ќе се формира Национална комисија, којашто ќе го мониторира имплементирањето на  Стратегијата, со што ќе се зајакне координацијата помеѓу надлежните институции за време на финансиските истраги во делот на следење на текот на парите, како и откривање на евентуално претопување, префрлање и прикривање на незаконски стекнатиот имот, појасни Николовски.

Во однос на борбата против корупцијата во институциите, за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција, сите институции ќе мора да назначат овластено лице. На овој начин, вели Николовски, ќе се подигне свеста кај граѓаните и ги охрабри да пријавуваат  случаи на коруптивно делување.

Премиерот Заев и вицепремиерот Николовски истакнаа дека борбата против корупцијата е процес во којшто треба соработка и придонес од секого.

По објавата на планот се огласи најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, според кои, оваа Влада е најкорумпирана бидејќи ветувале правда, а завршиле со реформи како набавка на компјутери и веб страници.

Од опозицијата побараа одговор за случајот Рекет, како и постапка за Ден Дончев. Соред нив, Заев мислел дека со оваа постапка се спасува самиот себе и Дончев.

Во Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2020, Северна Македонија е рангирана на 111. место со 35 бодови. Транспаренси ги рангира државите според индексот на корупција од 0 до 100, при што високиот скор одразува мал индекс на перцепирана корупција. Со постигнатите 35 поени, Северна Македонија ја дели својата позиција на табелата со Босна и Херцеговина, Монголија и Панама. С. Македонија и БиХ се најлошо рангирани земји во регионот. Пред нив годинава се и Косово и Албанија.

ДКСК по објавувањето на индексот нагласи дека со освоените 35 индексни поени, Република Северна Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од пет места на ранг листата на земјите.

Според методологијата, истакна ДКСК, за оценката на Северна Македонија користени се седум извори на податоци, а според моменталните расположливи информации пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слободи.

-Она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена. Но за ефикасна борба покрај нормираниста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се сеуште широко распространети. Делувањето на ДКСК, покрај другите надлежности е особено насочено и во овие области кои се препознаени како високоризични и се дел од мерките утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, наведе ДКСК во соопштението, објавени, откако ТИ го објави Индексот за 2020.