Тендерот на Филипче не бил за Мијалков – ММС
ММС

Објавено на: 07/26/18 11:29 AM

Тендерот на Филипче не бил за Мијалков

Погрешни се информациите дека Жути е параван за парите од тендерот за набавка на реагенси вреден 35 милиони евра да заминат кај Мијалков.

Всушност, ако се верува на штипските озборувања, тендерот се местел од моќното влашко лоби во редовите на владејачката СДСМ. Поточно, за штипскиот бизнисмен Мите Николов, познат по компанијата „Никол Петрол“, кој пред некој месец поради банкарски долгови беше принуден да ја продаде фабриката за масло за јадење, „Брилијант“ на прилепска „Витаминка“.

Николов, кој има разгранет бизнис во Скопје, повремено бил гледан во друштво на  Александар Јовановски – Жути, на кого медиумите му извадија фотографии во друштво со синот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Јордан Мијалков. Јовановски е управител на фирмата „АХР ЛАБ“, која изминативе денови беше во фокусот на јавноста поради тендерот на Министерството за здравство за набавка на реагенси.  Александар Јовановски – Жути потоа соопшти дека неправедно неговото име било предмет на шпекулации бидејќи неговата компанија, која е основана во април годинава, не била директен понудувач на тендерот, туку подизведувач на германската компанија „АБОТ“.

Интересно е дека оваа компанија беше единствениот понудувач на 35-милионскиот тендер, со наведена спецификација, која ја имала само оваа фирма.

Улогата на влашкото лоби, беше предемет на повеќе шпекулации со доаѓањето на СДС М на власт. Уште тогаш се предупредуваше дека премиерот Зоран Заев ќе биде на мака со големите барања, што ова лоби му ги испорачало на премиерот.

Ништо поразлично не е во Штип, каде актуелниот градоначалник и потпретседател на СДСМ, Благој Бочварски ја имаше поддршката на влашкото лоби. Нов претседател на Општинската организација на СДСМ во Штип стана неговиот советник во кабинетот,  Никола Тушев, Влав по националност, чија сестра Маринела Тушева – Маричиќ , поранешна пратеничка од Штип е актелен шеф на кабинетот на министерката за правда Рената Треневска – Дескоска. Тушева – Маричиќ е сопруга на советникот на Заев и негов човек од доверба, Бојан Маричиќ.