По нашата патека се’ може да биде полесно: Жените кои го победија канцерот, испратија охрабрувачки пораки до своите соборки во пресрет на „8 Март“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/21 10:04 PM

По нашата патека се’ може да биде полесно: Жените кои го победија канцерот, испратија охрабрувачки пораки до своите соборки во пресрет на „8 Март“

Две уметнички дела создадени од вештите раце на уметницата, Андријана Мациев ќе ја красат отсега дневната болница на Клиниката за онкологија во Скопје. Во овој дел од установата онколошките пациенти ја примаат хемотерапијата, а Мациев која денеска ги донираше сликите до неодамна самата беше дел од нив. Таа и уште десетина жени кои се избориле со канцерот, ги посетија своите соборки во пресрет на Меѓународниот ден на жената за да им порачаат дека и тие се херојки.

„Се организиравме самите, дониравме во рамките на своите можности и на пациентките кои денес беа на хемо им дадовме скромни подароци. Добивме поддршка од психолозите кои имаат кабинет на Клиниката, а секако со нас беа и онколозите кои ја поздравија идејата уште од самиот почеток“, вели за ММС, Македонка Икономова Давчева од здружението Љубов сме/Jemi dashuri.

Таа додава дека поради актуелната пандемија не сакале средбата да трае долго, па само кусо разговарале со пациентките чиј процес на лечење се уште трае.

„Тие имаат стравови, дилеми, прашалници во главата…Сепак, ние им укажавме дека се’ ќе помине и дека секогаш може да наидат на помош и поддршка од нас кои сме го оставиле во минатото она низ кое сега самите поминуваат. На овие жени многу работи не им се познати, особено на повозрасните пациентки. Затоа е важно да знаат дека размената на искуства и совети е круцијална за нивното закрепнување“, посочува Македонка.

На своите соборки им поделиле едукативни брошури на македонски и на албански јазик под мотото „По нашата патека се’ може да биде полесно“. Некои пак, одлучиле да ја стават својата креативност на тест па успеале да сплетат шалови, да изработат обетки и така да придонесат за хуманитарната акција.

Од почетокот на годинава ова е втор ваков настан кој онколошките пациенти сами го организираа. Велат дека идејата за организација на дебати и јавни трибини за зголемување на свеста за болеста, е ставена во мирување поради коронавирусот. Меѓутоа, преку новите медиуми наоѓаат начин за да се дружат од своите домови, заедно да пијат кафе, да се охрабрат и да се потсетат на својата истрајност.

 

Вања Мицевска